За Донка убавица, девојче црнооко и бела Румена

0
33

Од собраната народна лирика на Марко Цепенков нема грешка што и да се земе, да се избере, да се прочита или испее. Во кој било час, во добар или зол.

Секако пред сѐ оние што ја воспеваат, што ја возвишуваат љубовта. Народниот гениј во нив сиот, без здив и запир се излеал, пуштил глас и мисла кои никогаш и никој нема да ги запре. Од што не може и да сака.

Еве три песни избрани без избирање:

Да ја сакаш, мајко, Донка убавица

Оди, мајко,оди долу под селото,
Да ја сакаш, мајко, Донка убавица,
Донка убавица, горцка еребица.
Ако ти ја дадат, седи и повали му.
Ако не ја дават, брго да си дојдиш,
Брго да си дојдиш, абер да ми сториш,
Во гора јас ќе одам, кауѓер ќе бидам,
Кауѓер ќе бидам да исповедуам,
Да исповедуам младине невести,
Младине невести и убавици чупи.
Белки ќе ми дојдит и убава Донка.
Еве ја, мајко, Донка кај мене кај иди,
Донка убавица да ја исповедам:
-Ела Донке, ела да те исповедам.
-Идам, оче, идам, да ме исповедаш.
-Кажи, Донке, кажи што грев си сторила,
Што грев си сторила на млади години,
На млади години, на млади времиња?
-Ништо, оче, ништо грев не сум сторила,
Само со едно лудо сум се милуала.
-Колку време, Донке, сте се милуале?
-Токму пет години, оче кауѓере.
-Колку време, Донке, не си го видела?
-Оче, шес години не сум го видела.
-Да го видиш, Донке, дали го познааш?
-Да го видам, оче, добро го познаам.
-Кажи, Донке, кажи како ти препцаше?
-Оче, ми препцаше исто како тебе,
Исто како тебе по црната брада,
По црната брада, по чатмата веѓи.

Ој девојче црнооко

Ој девојче црнооко,
Ти ме стори суо дрво,
Земи балта, пресечи ме,
Запали ме силен огон,
Да се сторам ситна пепел,
Да повеи силен вет’р,
Да си паднам во азбавче,
Да изникнам ѓул трендафил,
Ти да дојдиш да ме бериш,
Да ме даваш на момите,
Да ме носат по главите.

На вода оди бела Румена

На вода оди бела Румена,
На вода оди, на бела чешма,
Вода да леи, лице да мие.
Оздола иди лудоно младо,
Прао ми трга кај бела чешма;
Да штом је рече лудоно младо:
-Дај ми, Румено, студнана вода
Да се напијам, да се оладам.

Оф што му рече бела Румена:
-Мајка ме, лудо, мене заколна
На ерген вода јас да не давам,
Ергенска вера не се веруат!
Оф што си симна лудоно младо
Танкана пушка од десно рамо
и ми ја удри бела Румена.
И ми ја удри во клето срце.
И ми извика бела Румена.
И ми заплака со танки гласи,
И ми се сврте кај другачките
И жална таа му зборуваше:

-Ој вие, мили моите другачки,
Мили другачки и мили сестри,
Да не слушате мајкина клетва
На ерген вода да не давате,
Ергенска тага била голема.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion