Потребно време за читање: 2 минути

Македонската љубовна народна лирика е изгрев и залез на сонце со многу љубов од некое време, од секое, од сечие и наше. Таа е ноќен спокој и трепет на ѕвезди на ширно небо. Таа без престан грее душа за срце да послуша.

Еве пет песни одамна речени-доречени, а сѐ уште неиспеани:

Прстен ти падна, Недо

Прстен ти падна, Недо,
отаде река.
Овчар помина, Недо,
Тој ти го најде.
Таксај му, таксај, Недо,
Што ќе му таксаш?
-И да му таксам, лудо,
Вајде си нема!
-Таксај му, таксај, Недо,
Црните очи!
-И да му таксам, лудо,
Вајде си нема.
-Таксај му, таксај, Недо,
Белото грло!
-И да му таксам, лудо,
Вајде си нема.
-Таксај му, таксај, Недо,
Белото лице!

Цвета и ерген

Цвето девојко, отвори ми врата.
-Ако си ерген, прескочи плото,
Китка набери од сите цвеќиња,
Ако си женен, ете ти пато,
Ете ти пато, скрши си врато!
-Цвето девојко, жена си имам,
Жена си имам црнана буица,
Глаа си мие нерасплетена,
Дете си мие неразвиено,
Настреде куќи купче буниште,
На буништето габи и печурки,
Печурки си бери, зелник си меси.

Прочитај и за ... >>  Македонска народна лирика

Рада жнала жолто просо

Рада жнала жолто просо
На два пата, на два друма.
По друм одат кираџии;
Сите по пат поминаа,
Поминаа, заминаа.
Едно младо кираџиче
По пат, над пат ми одеше,
Со глава ји мавнуваше,
Со око ји трепнуваше
И вака је зборуваше:
-Ајде, Радо, да жниеме
И да си се наджниваме.
Ако мене ти наджниеш,
Ќе ти дада девет маски,
Девет маски дробно азно.
Ако тебе јас наджнијам,
Да ми дадиш кован ѓердан
Сосе твое бело грло.

Мори моме, Донке моме

Мори моме, Донке моме,
Мори што се тие девет бенки,
Мори девет бенки на челото,
Мори и десетта на грлото?
Мори, жити Бога, дај ми една,
Мори ако ти е за илјада,
Мори ќе ти платам две илјади.

Ерген и девојка

Синоќ пројдов
Пред вашата порта, ле чупе,
Тебе тука не те најдов
На порта да стоиш,
На порта да стоиш,
Мене да ме чекаш, ле чупе,
На порта кај стоиш.
Синоќ пројдов
Пред вашио бунар, ле чупе,
Тебе тука не те најдов,
Вода да ми лееш,
Вода да ми лееш,
Цвеќе да навадиш, ле чупе,
Цвеќе да ми береш, ле чупе,
Китка да напраиш,
Китка да напраиш,
Мене да ја даиш, ле чупе,
Китка да мириснам, ле чупе,
Тебе да те смислам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here