Дома Vox populi - гласот на народот Видена, наиграна, та легната, та заспана

Видена, наиграна, та легната, та заспана

133
Vox populi - гласот на народот
Потребно време за читање: < 1 минута

Во македонската народна лирика има бројни прекрасни песни за момата и момчето и некој што се испречува, ја попречува нивната љубов- најчесто мајката или таткото. Но веднаш или по некое време не можат, па мора да отстапат пред неа.

Еднакво убави, можеби и поубави се оние што го воспеваат мигот на видувањето на момчето и девојката (девојчето), на нивната средба, на искрата на љубовта и радоста, играта, наигрувањето и надигрувањето што таа ги предизвикува.

Со три избрани песни наредени една по друга цела една приказна: од случајна средба, миговно видување, преку играње- виткање-кршкање на моминската снага од љубов и радување, се до спокоен сон заедно:

Видов мома в одајата

„Видов мома в одајата,
каде ми се променува.
Ќе продадам сета стока,
туку таа да си земам”.
Мома вели и говори:
“Ој ти лудо, ој ти младо!
Ако сум ти нарачано,
ќе ти пруснам во дворјето
како кревка еребица,
ќе ти седнам на софрата
как шарена преперица,
ќе ти легнам в постелата,
како кротко рудо јагне”.

Прочитај и за ... >>  Македонска народна лирика

Не виткај се, не кршкај се

Не виткај се, не кршкај се,
како змија низ тревата;
како змија низ тревата,
како риба низ водата;
како риба низ водата,
како конче невјавнато;
како конче невјавнато,
како јуне непрегнато;
како јуне непрегнато,
како елен низ гората!

Дали легна, дали заспа

Дали легна, дали заспа,
дали виде сон за мене,
как’ што видов јас за тебе?
Се сторивме два голаба,
си летнавме вишно небо,
ние токмо ѕевгарично,
се качивме ливаѓата.
Бог да бие берачите,
што дојдоа, не скорнаа.
Си летнавме ние токмо,
се качивме на лозјето.
Бог да бие аргатите,
што дојдоа, не скорнаа.