Машка криза на средните години

0
21

Досега веќе научивме сѐ-за менструацијата, за предменструалниот синдром, за пременопаузата, па менопаузата…Се чини дека само жените беа „на тапет“ кога се во прашање емотивно-психолошките подеми и падови и драматичните промени на расположението, предизвикани со одминот на годините, измените на хормонските статуси и животните околности.

Можеби е време малку да се позанимаваме со запоставениот, а толку инспиративен феномен на машката криза на средните години, со машката „менопауза и pms“-„два во еден“ феномен, со тој непресушен извор на неочекувани животни пресврти, на стравот од секоја разумна жена и, за жал, на незаобиколната фаза во животите на повеќе припадници на „посилниот пол“.

Повеќето од половината учесници на анкетата на сајтот Notmuch.com наведуваат дека кризата на средните години „е мошне реално, исцрпувачко, болно и депресивно искуство низ кое сите минуваме порано или подоцна“. Како да препознаете дека вашиот партнер минува низ таква животна криза- не можете да бидете сигурни во целост, но некои од симптомите се видливи и можат да ѕвонат на опасност.

За почеток, кризата можеме да ја препознаеме на ниво на однесување, расположение, облекување, односот спрема работата, пријателите…Наеднаш човекот со кој сме со години, можеби децении, сме го делеле животот и кого го познаваме до детали станува некој друг. Во некои случаи потсетува на она момче со кого сме се забавувале пред дваесеттина години, само малку понамќорест и поарогантен, во најлош случај има нова девојка која овој пат не сте вие. Или, пак, станува она што сонувал да биде како тинејџер, а немал можност, пари или храброст тоа и да го проба-па, било тоа да е скокање со падобран, возење (со сопствен, штотуку купен!) мотор по континентот или бојосување на косата во необични нијанси.

Во екстремни случаи решава да почне се од почеток, а тој почеток не вклучува ништо и никого од сегашниот живот. Не може да објасни што му е, само се чувствува поинаку и му е потребна драматична промена. Депресивен е и раздразлив. Се жали, се повлекува во себе,обвинува, започнува караници…

Она што овој проблем го прави тежок за решавање, е фактот дека не можете да го фатите ни за глава, ни за опаш…Ако сте мислеле дека машката „криза на средните години“ се движи во тие, средните години, како што самото име и вели-грешите. Впрочем, што се средните години?

Овој термин е всушност неодреден-за некого средните години почнуваат во средината на 30-тите, за некои на крајот од 50-тите. Се зависи од темпото и начинот на кој се живее. Она што е извесно е- кога мажот ќе се почувствува „пикнат в ќош“ било со очекувањата на семејството, монотонијата на работата или да се посомнева во својата машкост и привлечност-тоа може да биде повод за криза. И може да се случи, на различни начини, низ кризата да минува повеќе пати во текот на животот-кога ќе ја заокружи брачната заедница, кога ќе дојдат децата, кога децата почнуваат да стануваат возрасни и да се осамостојуваат, кога децата почнуваат да заминуваат од дома, кога ќе сфати дека на работа е заменлив, кога ќе се приближи пензијата… Таман ќе помислите- се изборивме со кризата, а ете го него на прагот на нова. И тогаш се од почеток.

„Може ли сопругата да направи нешто да ја спречи кризата во средните години? Веројатно не може“, вели Пат Годет, основач на „Midlife Wives“ клубот (www.midlifewivesclub.com) и коавторка на книгата „How to Survive Your Husband’s Midlife Crisis’“ (Како да се преживее сопруговата криза на средните години). „Сопругата може да се конфронтира, да дава ултиматуми, но ако мажот е наклонет на криза или во неа веќе зачекорил на големо, нема ниту да слуша што му се зборува“.

Пат Годет формирала свој клуб за, како што вели самата, да им помогне на жените да останат прибрани и свесни додека нивните мажи губат разум. На Интернет адресата на Клубот жени од сите меридијани разменуваат искуства, совети, а неретко се придружуваат и мажи за да ги споделат своите маки.

Извесно е дека кризата на средните години може да уништи со години, дури со децении граден однос.Она на што Пат Годет ги учи членките на својот клуб е да ги препознаат симптомите на кризата, да научат да се изборат со можноста од изневера (или со самата изневера, ако веќе се случила), да им помогнат на своите партнери, но уште повеќе да се заштитат себе си кога ќе се соочат со променето, често неодговорно однесување или злоупотреба на алкохол и лекови, да научат да ги препознаат проблемите кои лежат под секоја ваква криза, а во прашање се главно депресии и бес, да ги заштитат децата од последици на ненадејна несигурност во семејството, да научат низ кризата да минат и од неа да излезат посилни, постабилни, повеќе потпрени на себе си. Посебен дел од оваа специфична животна „обука“ се однесува на донесување на најтешката одлука-дали да останам и да се борам за својот маж (и со него) или е време да се спасувам себе си и да ја напуштам заедницата. Зашто „никогаш не сме толку беспомошни пред патењето како кога сакаме, никогаш толку длабоко несреќни како кога ќе го изгубиме објектот на својата љубов“, како што рекол Фројд во триесеттите години на минатиот век.

Можеби најдобри совети за надминување на машката криза на средните години можат да дадат самите мажи. Така, Џед Дајмонд овој феномен го нарекува „иритантен машки синдром“ (Irritable Male Syndrome), според истоимената книга во која тој ги анализира фазите и искривените замки на синдромот, но и нуди решенија.

За почеток, Дајмонд предлага да не донесувате никакви одлуки во паника, афект или набрзина. Нешто што сте го граделе со години не би требало да го урнете во неколку тешки денови. Сепак, потсетете се самата себе си дека, без оглед на тоа колку е важна вашата врска, таа не е единствен аспект на вашиот живот. Свртете се околу себе и потпрете се на луѓе кои ви се блиски, важни, а потсетете се и на сите оние нешта кои сакате да ги правите или кои ве прават среќни, горди и ви даваат чувство на самопочитување.

Кога ќе се најдете на мета на неговото лошо расположение, кажете си на себе си дека не сте вие виновникот или причината, дека од него говори чувство на страв, немоќ или лутина и оти сите навреди и тешки зборови, без оглед колку се болни, не се поттикнати со вашата неадекватност или неспособност.

Имајте предвид дека мажите во виорот на кризата на средните години се по малку како деца-додека беснеат и викаат, туркајќи ве што подалеку од себе, всушност имаат потреба од разбирање и внимание. Обидете се да му дадете на знаење оти, ако сака да разговара за она што навистина го мачи, може да смета на вас.

Избегнувајте разговори „очи в очи“ зашто, додека за жените е тоа знак на поддршка и грижа, за мажите, тврди Дајмонд, е ноќна мора оти тогаш се чувствуваат како да ги испитувате, стануваат дефанзивни и се повлекуваат. Предложете му разговор во прошетка или додека работите некои заеднички работи.

Не се воздржувајте смирено и директно да му објасните како вие се чувствувате поради неговото однесување. Споделете ги своите потреби од сигурност, интимност и љубов. Не со намера да му создадете чувство на грижа на совеста, туку да го потсетите дека и натаму има важна улога во вашиот живот и оти сакате и натаму да биде токму тој на кого можете да се потпрете и спрема кого имате длабоки чувства.

Важно е да сфати дека обајцата сте на иста страна, дека играте за ист „тим“ и така да му создадете успиено чувство на заедништво. Објаснете му дека сакате да му помогнете да ги оствари своите желби или да ги надмине своите стравови и сомнежи со кои се соочува. Нека сфати дека согледувате оти под сиот тој бес и радзразливост се кријат незадоволени потреби и оти имате желба да му помогнете да ги пополни тие празнини.

Најважно-бидете цврсти. Јасно дајте му на знаење дека го сакате и се грижите за негово добро, но оти тоа не значи дека ќе се откажете од сопствената среќа и чувството на смиреност и исполнетост. Водете сметка за него, но никогаш не заборавајте на крајот да водите сметка за себе и оти за себе сте, сепак, најодоговорни.

(Преземено и преведено од: http://www.b92.net/)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion