Потребно време за читање: 5 минути

Што е тоа полигинија? Кога постоела? Постои ли сѐ уште? А полиаморија? Сѐ почеста е денес?!

Без оглед колку да им звучи болно на жените, мажите во дамнешно минато имале право на многу жени. Историски, полигинијата била една од најчестите форми на брак, но мажите очигледно се одрекле од неа. Зошто?

А брачната мултилатерала е сѐ почеста помеѓу побогатите Европјани и Американци. На почетокот од 90-тите години на 20. век добила и свое име-„полиаморија“ или „многуљубов“.

Постојат бројни докази дека многумина мажи, но не сите, се генетски, биолошки и психолошки предодредени да не бидат моногамни. „Едноженството“ така веќе долго во научните кругови се докажува како неприродна состојба за мажите, што донекаде го објаснува големото интересирање за порнографијата, неверството и вообичаените брачни тешкотии.

Како тоа мажите да се согласуваат на брак, ако се навистина според природата полигамни? Што е уште поважно: ако Западното општество навистина било под толку силно влијание на патријархатот, зошто мажите морале да се одрекнат од „правото“ на повеќе жени?

Во написот „Енигмата на моногамниот брак“ авторите Хенрих, Бојд и Речерсон ги претставуваат доказите дека моногамијата е всушност значајна за општествениот напредок. Тие сметаат дека во минатото, во времето на „легална“ полигинија, моќните мажи можеле да ги собираат најпосакуваните жени за себе, додека помалку моќните останувале неженети.

Всушност, докажано е дека татковците на човештвото се одвај 40% мажи, додека 80% жени раѓале деца. Оние мажи кои не можеле да се натпреваруваат, не добивале ни една жена и немале потомство. Таквиот „поредок“ предизвикувал бројни проблеми. Постоела поголема стапка на криминал, сиромаштија и убиства, а мажите кои имале жени и деца на претек, претерано не се грижеле за нив.

Меѓутоа, сметаат авторите, со создавањето на првите држави дошло до потреба за порамноправна распределба на „добрата“, па така спонтано се преминало на моногамија. Сепак, само затоа што е моногамијата озаконета не значи дека мажите и натаму не сакаат секс со повеќе жени.

Полигинијата денес се зачувала во муслиманските земји со разни не-контактирани или слабо контактирани племиња, како и во трибални заедници во муслимански африкански држави. Според исламот, муслиманот денес смее да има 4 жени. Полигинијата била широко позната во цела Африка, каде што семејството се состоело од маж, негови жени и деца.

Прочитај и за ... >>  Љубов, секс и книги

Интересен, но не и единствен пример: веќе неколку години црвенокосата оскаровка Тилда Свинтон живее на два колосека. Во градчето Наирн во родната Шкотска 50-годишната глумица ужива во мирна вонбрачна заедница со дваесеттина години постариот сликар Џон Бирне и нивните две деца. На патувањата и доделувањата на награди редовно ја придружува 18 години помладиот новозеландски сликар Сандро Коп, а повремено доаѓа и во Наирн, делејќи ги Тилдините маса и постела со Бирне.

За љубов се потребни тројца, би порачала Тилда. Или четворица? Или можеби повеќе? Во секој случај, примерот на Тилда Свинтон не е осамен ќејф на размазена филмска ѕвезда.

Театарската глумица Териса Гринан, писателот Скот Кембел и компјутерџијата на Мајкрософт Лери Голдинг делат куќа во Сиетл, поглед на езеро и 3 кучиња, но не се цимери. Териса и Скот живеат во интимна заедница 14 години, а во последните 12 со нив е и Лери со кого Териса, со благослов на Скот, склопила службен брак поради даночни олеснувања.

Териса неодамна преку Фејсбук го запознала и се вљубила во оженетиот Мет, жената на Мет Вера во Лери, а бидејќи Вера и Мет имаат малолетен син (затоа не излегуваат во јавност со презиме), сега се собрани 5-мина плус едно дете. Сите во групата се хетеросексуалци, се колнат дека никогаш не практикувале групен секс.

Се проценува дека во САД моментно има повеќе од половина милион полиаморични семејства, чиј број постојано се зголемува во сите поголеми градови, а поновите книги како „Open“ (Отворено) на новинарката Џени Блок и „Open Up“ (Отворање) на секс-колумнистката Тристана Таормина додатно го популаризираат концептот. „Многуљупците“ имаат и свој вокабулар, па со „полигеометрија“ опишуваат кој со кого и како е во групата, „поливерноста“ се однесува на лица кои не бараат партнери надвор од полиаморичното семејство, а со „полиљубомора“ чувства помеѓу членови на групата.

Но, полиаморијата е само најнов опис на романтични врски на три и повеќе лица, секако не и прв во историјата. Од многуженството до „слободната љубов“ мулти-партнерските врски се стари колку и светот. Во Стариот завет Јаков ја жени Рахела и сестра и Леа (бигамија), а египетскиот фараон Рамзес II имал 200 жени и конкубини (полигинија). Што да се каже за многуженството во исламската култура и харемите? Водачот на Мормонската црква во САД, Бригам Јанг, во 19. век оженил повеќе од 50 жени (мормонска полигамија).

Прочитај и за ... >>  Рецепт за среќа

Кралицата Драупади во „Махабхарата“ има многу мажи (митска полиандрија), а во некои делови на Индија, Шри Ланка, Непал и Тибет може и денес да се најде жена со неколкумина сопрузи. Јужноафриканскиот претседател Јакоб Зума се појавува во јавноста со своите четири жени, додека во Турција се уште близу 200.000 жени во заостанатите делови на земјата делат маж со друга жена врз основа на верски брак.

Историчарите велат дека модерното мултипартнерство во САД започнало помеѓу воените пилоти во текот на Втората светска војна, со идеја дека преживеаните ќе се грижат за вдовиците на загинатите соборци, исто како што сега во Ирак верски групи заговараат полигамија поради загинатите мажи и „вишокот“ на жени. Во 60-тите години на 20. век „слободната љубов“ се рашири помеѓу децата на цвеќето, а во 70-тите наголемо се „свингуваше“ низ секс клубовите, додека хомосексуалците парадираа низ Сан Франциско и њујоршката Кристофер улица во Гринвич Вилиџ.

80-тите ги погоди сидата, па на цена пак беа моногамните врски, а 90-тите под геслото „да се сака повеќе“ ја допуштија полиаморијата како некој вид однос на половина пат помеѓу моногамијата и одговорната „слободна љубов“.

Полиаморијата од полигамијата се разликува според тоа што не е нужно збор за брак на еден маж со повеќе жени или обратно, туку за договор и јасни односи во рамките на мултилатерална врска. Тоа не е „сексољубие“, иако го вклучува сексот, зашто за врската се пресудни пред се емоциите и меѓусебните интереси, а „многуљупците“ својот морален код го нарекуваат „етичка не-моногамија“.

Можни се секакви комбинации, па некои парови во заедницата се службено венчани, а остатокот не е, некои воопшто не се забрачени, некои практикуваат слободен сексуален живот надвор од заедницата, други им се верни на членовите на групата, некои се со хомосексуална ориентација, повеќето не се. Иако во Америка има се повеќе такви замрсени заедници, „многуљупците“ се се уште тивка општествена група.

Се дружат на интернет страници, го имаат својот омилен онлајн магазин „Loving More“, своевремено ги поддржа и првата дама на Франција Карла Бруни, како и Тилда Свинтон, редовно одржуваат годишни конференции, пред две години првпат учествуваа на њујоршката геј парада, но, за разлика од геј заедниците, не бараат политички и други права. Злобниците велат дека за тоа немаат време, зашто се премногу окупирани со замрсените многубрачни проблеми.

Прочитај и за ... >>  Вистински домаќини во вашиот дом

Уште нема социолошки истражувања за причините на нивното развивање односно ширење, иако повеќето социолози и сексолози заклучуваат дека е тоа одговор на разочарувањето во биготното општество во кое моногамниот брак е „светост“, а љубовницата „закон“, во кое во Америка се распаѓа секој друг брак, поради што половина млади Американци растат без традиционалното семејно опкружување со двајца родители. Многумина тврдат дека една од причините е и рамноправноста на жените како резултат на феминистичката борба, особено финансиската, зашто жените сега можат да избираат однос каков што сакаат.

Полиаморијата е можеби и замена за раздробената поширока фамилија, од која остана само нуклеусот мама-тато-деца (кај разведените дури ни тоа), па така оттуѓените и осамени луѓе се обидуваат да создадат некое потопло и социјално поприфатливо не-моногамно семејство. Така сложен однос можат да воспостават само зрели луѓе со многу нерви, разбирање и храброст, зашто претпоставува верност, почитување на правила, комуникација, вештина на преговарање итн., но пред се мораат да ја заборават љубомората, во што „многуљупците“ мораат постојано да се борат против мајката природа, вели антропологот Хелен Фишер.

Тука се и комплицираните организациони проблеми: Лери од Сиетл е сопственик на куќа, Скот ги плаќа режиските трошоци, куќните трошоци се делат според сложена пресметковна таблица, секој има своја соба, но секоја вечер се одредува кој со кого ќе спие, па на изоставениот мора да му се надомести вниманието…

„Во моногамниот брак тешко е да се задоволат потребите и чувствата на партнерите, а замислете како е тоа кога секојдневно морате помножено да мислите. И што да им кажете на своите и нивните деца и да бидете сигурни дека никого не сте повредиле. Наместо полиаморија, тоа би го нарекол полиагонија“, вели Кенет Р. Хаслам, од Институтот Кинзи, кој и самиот го искусил животот во таков вид заедница, па признава: „Некои во тоа успеваат, но за други е тоа чиста катастрофа“.

(Извор: новински агенции и енциклопедија)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here