Romance Couple Sunset Romantic Kiss Love
Потребно време за читање: 4 минути

Првиот бакнеж на светот е „дахот на животот“, како што вели Стариот завет. Имено, Бог го создал Адам, првиот човек, од кал и прашина и со бакнеж му вдахнал рационална душа, односно живот. Оттаму и потеклото на изразот „бакнеж на животот“, кој денес на многу јазици означува вештачко дишење со техниката уста на уста.

Еден од најстарите прикази на бакнеж помеѓу човек и жена потекнува од 3 век пр.н.е. и се наоѓа на ибериски релјефен камен. Тој е пронајден во Осуна во Шпанија, а парот е претставен од профил. Може да се види во Националниот археолошки музеј во Мадрид.

Сепак, сѐ до времето на големите географски откритија помеѓу средината на 15. век и средината на 19. век, на половината од земјината топка бакнежот воопшто не бил познат. Според американскиот антрополог Вон Брајант, за бакнувањето не се знаело во поголемиот дел на Азија, Африка, јужните мориња и западната хемисфера.

Уште во 19. век Кинезите бакнувањето го сметале за примитивен чин, а некои други народи во него гледале остаток од канибализмот. Дури и ден-денес бакнувањето во некои култури воопшто не е познато. Наместо тоа Ескимите си ги тријат носевите, а тоа го прават и Бурманците и некои други. Кај многу народи луѓето во знак на поздрав и наклоност се туркаат, се поттупнуваат по рамениците, се прегрнуваат, се милуваат или ги креваат рацете.

Освен библиската, за потеклото на бакнежот постојат разни теории. Птиците, а и разни други животни, ги хранат своите млади ставајќи им често веќе изџвакано јадење во клунот или устата. Ова можеби може да го објасни инстинктот на приматите за бакнување, па и човековиот. Малите деца примаат стимуланс на задоволство преку устата, и тоа во развојот се вика орална фаза. Инстинктот не се губи и кај возрасните кои, несвесно враќајќи се во детството, принесуваат на усните фини меки предмети. Бакнежот не е предмет, но е најголемо задоволство.

Прочитај и за ... >>  Авторитетот и достоинството

Пештерските луѓе, кои чувствувале исклучителна потреба за сол, им ги лижеле лицата на своите другари. Можеби оттаму, порано или подоцна, се изродил бакнежот.

Таканаречениот „општествен бакнеж“ не е никаква новина. Старите Евреи, Грците и Римјаните се бакнувале в образ во знак на поздрав. Римјаните дури отишле малку понапред, па освен роднините и пријателите, при средба или пазарење, во образ ги бакнувале месарите, пекарите, продавачите на свеќи и сите други со кои имале работа. Со ширењето на Римското царство се проширил и обичајот „општествен бакнеж“.

Денес „општествениот бакнеж“ се дава в образ, во воздух и, се почесто, в уста што, пак, кај Русите е прастар обучај, а ни Французите, според силното бакнување прочуена нација, не заостанувале.

Што се однесува на студените Англичани, тие до пред 5 века се бакнувале со сладост, а дури на крајот од 18. век бакнежите во знак на поздрав се заменети со наклони, реверанси, насмевка со мавнување со рака. Така останало до наши дни. Се смета дека до таа ненадејна промена дошло од хигиенско-здравствени причини по големата чума што пустошела во Лондон во 1665. година.

Во стара Грција обичниот народ им ја бакнувал раката, градите или коленото на повисоките од себеси. На Римјаните на важни позиции аристократите им бакнувале рака, а народот смеел да му го бакне коленото на императорот. Африканските племиња го бакнувале тлото по кое чекореле нивните главатари.

Бакнежот како дел од верски ритуал е стар повеќе стотици години. Обичајот на римскиот папа да му се бакнува ногата, т.е. врвот на влечката, потекнува од старото источно бакнување на нозете, на скутот или ивицата на облеката на моќниците и благородништвото. Околу 1.000 години пред појавата на христијанството друидите му ја бакнувале ногата на својот врховен свештеник.

Прочитај и за ... >>  Национален идентитет

И во краиштата на Средоземјето владеела строга хиерархија на бакнежите. Бакнежот в уста се разменувал со лице од ист ранг, на високите политичари и свештеници било дозволено да им се бакнува раката, на лицето од највисока позиција само долниот крај на плаштот. На владетелот смеело да му се бакне само ногата или, што е попожелно, тлото по кое чекорел.

Кога во средновековна Европа жената ќе го бакнела мажот кој не и бил сопруг или од најблизок род, ризикувала да и судат за прељуба. Речиси до неодамна цензорските ножички ги сакателе филмските ленти со сцени на подолги сцени и бакнежи.

Бонтонот од крајот на 19. век ги известувал читателите дека бакнувањето во јавноста, дури и кога се во прашање вереници или сопружници „е обичај за секаква осуда кој доброто друштво не би смеело да го дозволи“. За среќа времето се измени и убавите манири се свртеа наопаку.

Бакнежите не им се наменети само на живите суштества. Коцкарите често ги бакнуваат коцките пред да ги фрлат. Гледаме спортисти кои пред натпреварот за среќа бакнуваат крст што го носат околу вратот. Некои бакнуваат тикет на лото или лотарија. Девојчињата ги бакнуваат своите кукли. Во црквите масовно се бакнуваат иконите и разни други светости. Католиците ги љубат зрната на броениците и бискуповиот прстен, Евреите светите пергаменти, молитвениот шал и торите. Оние што по подолг престој надвор се враќаат во татковината, како и луѓето што се плашат од летање со авион веднаш на аеродромот ја бакнуваат мајчицата земја.

Најмногу бакнежи во историјата веројатно примил некој си поручник Хобсон, херој во шпанско-американската војна. За време на славењето во Чикаго две убавици едновремено го бакнале секоја во по еден образ. Сите присутни дами посакале да го сторат истото и Хобсон во рок од 35 минути добил 180 бакнежи! Изгледа дека на поручникот тоа му се допаднало, па продолжил да парадира по свечености во разни американски градови. И сѐ се повторило. Новинарите на крајот пресметале дека Хобсон добил вкупно 10.000 бакнежи. Една досетлива фабрика за слатки веданаш пуштила во продажба нови бонбони наречени „Хобсонови бакнежи“, и со нив се обогатила.

Прочитај и за ... >>  Полигинија-полиаморија

Нјдолгиот филмски бакнеж траел 3 минути и 5 секунди-4% од вкупното траење на комедијата „Ти си сега во војска“ на режисерот Луис Зајлер, од 1941. година. Протагонисти на овој несоборен рекорд биле артистите Џејн Вајман и Реџис Туми.

Рекордот во должината на траењето на бакнежот го поставиле Боби Шерлок и Реј Блазина од Питсбург во Пенсилванија. Тие без прекин се бакнувале од 1-ви до 6-ти мај 1978. година, а бакнежот според Гинисовата книга на рекорди траел точно 130 часа и 2 минути.

Приврзаниците на практичната примена на изреката „Љуби го ближниот свој“ велат дека бакнежот пренесува топлина, чувства и пријателство. Оние што се против тврдат дека бакнежите ќе се излижат и ќе ја изгубат привлечноста ако се трошат на обични познајници, оти што преостанува тогаш за најсаканите? Наместо коментар нудиме два цитата на истата тема:

Писателот на „Гуливер“, славниот Џонатан Свифт:

„Мили Боже, се прашувам кој лудак го измислил бакнежот! “

Прочуениот музичар Артуро Тосканини:

„Во ист ден за првпат во животот ја бакнав жената и ја запалив првата цигара. Оттогаш повеќе немав време за пушење“.

Кој од овие двајца големи луѓе е во право?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here