Крстот

0
31

Тој е еден од најдревните симболи на човечкото општество, присутен во многу религии, а првенствено во христијанството.

Интересно е неговото „читање“ во христијанската вероисповест како предмет на почитание: вертикалната линија е божеството, а хоризонталната човештвото. Наспроти симболот на смртта во древниот Рим, крстот во неа е симбол на животот, најнепосредно поврзан со мачењето и распнувањето на Исус Христос.

Светиот или Вистинскиот крст е крстот кој се смета дека бил распнат Христос. Неговото откривање се поврзува со Света Елена (250-330), мајката на византискиот цар Константин I Велики, инаку првиот император кој ја признал и раширил христијанската вера. Таа тргнала во Светата Земја, патем основала многу цркви и здруженија за помагање на сиромашните и бедните, а по пристигнувањето во Ерусалим на ридот Голгота го открила местото каде што Исус Христос бил распнат. Биле откриени трите крста на кои биле распнати Исус и двајцата крадци, Димас и Гестас. За да се открие кој е всушност Вистинскиот Крст, Макариус Ерусалимски довел некоја болна жена која по допирањето на еден од нив наеднаш закрепнала. Тоа било знак дека крстот на Исус Христос бил пронајден.

Наведениот опис го дава Сократ Схоластик.

Сепак, според многу цркви откривањето на Вистинскиот Крст до ден-денеска е под знак прашање.Римокатоличката, Православната и Англиканската црква ја чествуваат Света Елена за откривањето на Крстот и ја сметаат за светица.

Постои тн. Златна легенда била разработена во 1260 година во книгата на Јакоб де Ворагин, епископ на Џенова. Таа гласи дека дрвениот материјал од Вистинскиот Крст дошла од Дрвото на животот кое се наоѓало во градината на Рајот. Пред да почине Адам му наредил на неговиот син Сет да отиде кај Архангел Михаил и да го замоли да му даде семе од тоа дрво. Кога тој починал, семето му било ставено во неговата уста и така бил погребан заедно со него. Семето пораснало во едно дрво, кое се појавувало од неговата уста. По долги години и векови, дрвото било исечено и искористено за изградба на мост преку кој поминала и кралицата Саба, така доаѓајќи до царот Соломон. На мостот паднала на колена, поклонувајќи му се, и му рекла дека парчето дрво од мостот ќе доведе до замена на Божјиот Завет со еврејскиот народ, создавајќи нов ред. Дури по 14 колена од истото парче бил направен крст на кој бил распнат Христос.

Од средниот век и раната ренесанса Златната легенда станува општа-традиционална теорија која била прифатена и поддржана од многу учени. Насликана е на една од најпознатите фрески од тоа време „Легендата на Вистинскиот Крст“ од Пјеро Дела Франческа, на ѕидовите на црквата Сан Франческо во Азена, градена помеѓу 1452. и 1466. година.

Меѓутоа, нужно е да се каже дека таа легенда нема потврда во Православието. Според Светото Предание на православната црква, Вистинскиот Крст бил направен од 3 различни вида на дрво: кедар, бор и кипарис.

До крајот на Средниот век многу цркви тврделе дека поседуваат дел од Вистинскиот Крст. Рохаулд де Флеур ги проучувал постојните реликвии и создал каталог, покажувајќи дека сепак нема да може да се собере ниту една третина од крстот, кој би требало да биде три или четири метри висок, а другото дрво два метра широко. Тој тврди дека крстот би требало да биде од бор, со тежина од околу 75 килограми, а целиот волумен178 метри кубни. Вкупниот обем на собраните реликвии, пак, би изнесувал само 4 метри кубни, оставајќи обем од околу 174 кубни метри загубени, уништени или непронајдени. Следствено, многу од постоечките реликвии од Вистинскиот Крст се фалсификат.

Базиликата на Светиот Гроб, нарекувана и Црква на Воскресението, е назив за христијанската црква што се наоѓа во стариот дел на Ерусалим,на ридот Голгота. Се смета дека е таа гробот на Исус Христос. Се состои од комплекс од различни градби, изградени околу и врз останките на црква која царот Константин I Велики заповедал да биде изградена во 4. век.

Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст-Крстовден се празнува на 25. септември (14 септември ст.с) и на овој ден се празнуваат два настана: пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота и неговото враќање од Персија во Ерусалим (7. век по Христа).

Исус Христос на 30- годишна возраст бил крстен во реката Јордан од Свети Јован Крстител. Во библиска Палестина на 19. јануари, на денот Богојавление (кога Бог се јави), Божјиот Син влегол во Јордановите води. На брегот бил и народот.

Некој само гледал и се чудел што се случува, некој чувствувал радост во душата и славел, некој го чекал своето крштевање.

Крстен од човечка рака, од раката на наречениот „ангел во тело“-Св. Јован Крстител, осветувајќи ја водата Христос го покажал патот на преродбата на човештвото со вода и дух, го ослободил од ропството на гревот и го упатил кон првобитната слобода.

Во спомен на крштевањето и објавувањето на Светата Троица се прославува големиот Господов празник Богојавление. Поради тоа што со влегувањето во реката Јордан Исус ја осветил водата, празникот е познат и со името Водици.

Во спомен на Крштевање на Исус Христос и денес се свети вода. На празникот Богојавление се врши голем Богојавленски водосвет надвор од храмот, во неговиот двор, на море, езеро, река, чешма, извор и сл. Свечено, со литија се тргнува кон местото на водосветот. Се упатуваат молитви кон Бога, да се осветат водите, со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух и да се просветиме со светлината на познанието. Да ни дарува Бог благодет и да ни испрати благословување Јорданово. Притоа се пее црковната песна:

„Гласот Господов-над водите извикува:
Дојдете, примете го сите духот на премудрост, духот на разум, духот на страв Божји, од Христа Кој се јавил…
Господи, си дошол кон гласот од оној кој вика во пустината-пригответе го патот Господов-откако прими лик на слуга, барајќи крштение-Ти што не знаеше за грев. Те видоа водите и се исплашија.
Претечата затрепери и извика:
Како да го осветли Светилникот на светлината, како слугата да ја положи раката на
Господарот?
Освети ме мене и водите, Спасителу, Ти, Кој го земаш гревот на светот“.

На 20. јануари се прославува соборно со песни празникот Собор на Свети Јован Претеча и Господов Крстител. На овој ден се одбележува споменот на десната рака на Свети Јован Крстител, светата рака со која ја допрел главата на Христос при крштевањето, која Светиот Евангелист Лука ја пренел од Севастија во Антиохија. Подоцна била пренесена во Цариград.

За величината на Свети Јован Крстител зборува Самиот Господ Исус Христос:

„Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител“.

Свети Јован Крстител јавно го критикувал неморалот на цар Ирод, кој живеел со жената на својот жив брат Филип и затоа наредил да му ја отсечат главата.

Храмови посветени на Св. Јован се подигнати на местото на крштевањето на Господ, во Севастија, Антиохија и Цариград.

Токму на местото каде што реката Јордан истекува од Галилејското Море се наоѓа местото на крштевањето-Јорденит. Аџии, поклоници и туристи од целиот свет се собираат и облечени во бели долги кошули влегуваат во Јордан и се крштеваат.

Инаку, Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето што му се обраќале при отворањето на небото. Според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, во глуво доба се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите.

Според едно предание од Охрид, кое го забележал Кузман Шапкарев, „некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол:

„Дај ми Господи, еден осмак глава“.

И за чудо, на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа“.

Тој час, како што се верува, и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Со таа вода можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налејала во тој миг, водата можела таква да се направи откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion