Потребно време за читање: 2 минути

Враќање на секојдневните баналности?

Ако ти кажам дека Морето е потопло ноќе, наместо да измислуваш средби ќе почнеш да скокаш во него. Ноќта да ти биде побрза. Ќе почнеш да скокаш во него, а нема да помислуваш дека е полно со треви што може да ти ги врзат нозете, па да те паднат на дното. Водата сигурно ќе го продолжи твоето спокојство и откако ќе го докажам она што се случи, Марија Имотска.

Летото има долги бои, размислуваш седната на карпа.

Косата ти е сува. Телото легнато, како да ти измислува убаво лице за да ги сокрие нашите години.

Под оваа карпа има многу риби, почнуваш. Само помисли колку ќе се вознемират кога ќе почнеме да скокаме.

Ќе нè видат, одговарам.

Јас сега помислувам на огнот, Јасене Виорски. Како да го чувствувам в раце. Тоа е умор. Знам, напорно е да го вадиш железото додека тече. Додека го следиш да не ја скокне оградата, да го затвориш навреме.

Прочитај и за ... >>  Како се објаснува една состојба, а истовремено се најавува друга.

Очекувам да ме прашуваш како издржувам со него, Марија Имотска. Толку време со топено железо! Па зошто сега пак за тоа, да прашуваш како ќе ти помогне водата. Но ти молчиш, како да се плашиш да го свртиш разговоров во таа насока. Гледаш во рибите, а јас сакам да ти доречам дека не ме изненадуваш. Не те замислувам таква и не ме изненадуваш…Твоето станување наутро е обично и секојдневно. Може да те замислувам и поинаку. Да стануваш рано овде сосема гола. Да ја отвораш вратата, и прозорците и вратата, да се облекуваш полека, и така да ми го покажуваш телото. Полека.

Во собава има многу зраци, Јасене Виорски. Ги мешаат боите, па нашите нерви никако да ги оставаме спокојни. Откако ќе ни ги преморат, ќе почнеме да водиме љубов.

Полека се соблекуваме, музиката продолжува, легнуваме на подот. Те погледнувам, потоа се загледувам во Морето. Мислам дека е потопло ноќе, додека сме овде заедно. Веќе двапати истураше дожд, а само еднаш слушавме силен ветар.

Прочитај и за ... >>  Ако треба нешто да се раскажува, не мора да се пишува. Пишувањето на времето на Јасен Виорски и Марија Имотска сепак е нешто друго!

Во ваква ноќ на мајка ти ѝ ја сечат ногата.

Ти пак тоа, враќањето. Зошто сега пак? Облечи го фустанот. Да одиме, Брегот е пуст.

Кога ќе ѝ ја пресечат, ќе остане жива, продолжуваш.

Што се случува со нашето искуство сега, Марија Имотска?

Никогаш да не заврши, а да има празен простор меѓу нас кога ќе биде крајот, Јасене Виорски. Празно место што ќе остане само за нас!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here