Здравствена екологија

0
38
Protect Ecology Tree Protection Live Hands

Што е здравствена екологија? Иако е постојано присутна, особено со совети за здрав живот и предупредувања на опасностите по здравјето од загадувањето на водата, воздухот, почвата, храната…, се чини дека кај нас е сѐ уште малку позната како посебна мултидисциплинарна, јавномедицинска дисциплина. Освен медицинари, за нејзиното функционирање од витално значење се хемичарите, хемиските техничари, биохемичарите, санитарните инженери и техничари, биолозите, прехранбените технозлоци и многу други.

Напоредно со зголемувањето на потребите од енергија и суровини, во развиените земји расте свеста за зачувување на околината, како и колективното ниво на култура и хуманост. За жал, сѐ уште не се вложуваат доволно напори за да се заштитат природата и нејзините ресурси од целосна девастација.

Иако јавноста е многу посензибилна на микробиолошката контаминација, треба да се знае дека хемиското загадување е од поголема важност. Имено, причините за занемарување на штетните хемиски материи лежат во тоа што нивните последици често се видливи дури по подолг временски период, а при индивидуални случаи е тешко да се докаже дека одредена материја ја предизвикала настанатата болест.

Постојат посебни служби за здравствена екологија, чија цел е унапредување и заштита на здравјето на населението од штетното дејствување на различни фактори на околината (хемиски, биолошки, микробиолошки, физички) , а кои дејствуваат низ различни медиуми на околината (вода, намирници, воздух…). Тоа се постигнува со лабораториски анализи и мерења, теренски извидувања, епидемиолошки анкети, проценки на изложеност, а сѐ со цел проценка на ризикот за здравјето на опфатената популација. Се разбира, несомнено е нивното учество во спроведувањето на стручни и научни истражувања, како и во едукацијата.

За запознавање со основите на здравствената екологија го презентираме (во наш превод од хрватски) текстот наdoc.dr.sc. Ксенија Витале, објавен на сајтот http://www.mojdoktor.hr/

Ернест Хекел (Ernest Haechel) бил германски научник, голем заговорник на теоријата на еволуцијата и сакал да смислува нови зборови. Најголем дел од неговите истражувања со неговата смрт замина во заборав пред повеќе од половина век, но помеѓу преживеаните денес ни се добро познати зборовите како „онтогенија“, „филогенија“ и „екологија“. Ернест би бил веројатно мошне задоволен од тоа каква популарност стекнала неговата кованица, иако за тоа поголема заслуга има хипербрзиот развој на индустријата и техниката со сите свои негативни ефекти, отколку славниот развој на науката и за жал почесто негативното отколку позитивното влијание на човекот.

Екологијата била замислена како наука за економиката на природата, но денес повеќето луѓе главно помалку ја поврзуваат со нејзинот дел logos (гр.)- наука, а повеќе со oikos (гр.)- куќа, т.е. со состојбата на околината во која живееме и потребата од нејзино зачувување. Во рамките на екологијата постојат многу темелни прашања и проблеми, како на пример зачувувањето и користењето на природата и нејзините потенцијали, потоа прашањата и проблемите кои од нив произлегуваат, како на пример социјалните и политичките стојалишта спрема производството и загадувањето, социјалните промени, губењето на културното наследство и сл.

Сето тоа екологијата денес ја прави наука која освен што набљудува и дејствува, а во чии рамки постојат многу гранки од кои една е и здравствената екологија.

Повеќето научници денес здравствената екологија ја дефинираат како наука која ги проучува промените во човечкиот организам, т.е. единките или популациската структура во однос на факторите на околината, со посебен акцент врз односот кој е секогаш динамичен. Единките не живеат изолирано, туку се меѓусебно зависни, како дел од комплексно организиран систем. Резузлтатите од таквите проучувања создаваат научна база за разбирање на биолошкиот и социолошкиот аспект на човечкиот вид.

Медицината не е само лечење на веќе заболени, туку нејзин составен дел е и превенцијата на болеста со создавање на здрави животни услови и средина која го јакне здравјето. Во својата историска, а со дел и модерна смисла медицината се темели врз биомедицинските науки, иако денес се препознава неизоставната улога и на психосоцијалните науки. Здравствената екологија во својот пристап ги носи идеите на живеење во хармонија со околината и здравите животни услови, еднакво биолошките, физичките и психосоцијалните.

Објект на проучување на здравствената екологија се единките и/или популациите. Во процесот на еволуцијата новите својства се јавуваат со секое ново ниво на биолошка комплексност, а тие никогаш не би можеле да се предвидат само од студиите на историјата (анамнезата) на единките. Затоа, иако извори на податоци ни се живите единки, стварниот објект на проучување на здравствената екологија е популацијата. Популацијата е просторно или социо- културолошки дефинирана група на единки која се репродуцира во себеси. Уште попрецизно биолошки дефинирано, популацијата е група во чии рамки постои најголема веројатност дека единката ќе пронајде партнер за репродукција.

Секоја човечка популација можеме да ја посматраме како континуиран ентитет во одреден биотоп и статистички да ја опишеме со низа на параметри кои се всушност релативни со оглед на поединецот. Тие параметри се, на пример, наталитетот, морталитетот, густината на популацијата на некој географски простор, но и различните фреквенции на гените во рамките на групите или подгрупите. Во однос на единките што ја сочинуваат, популацијата е перманентна. Поединецот со раѓањето или со доаѓањето станува дел од популацијата која била тука и пред неговото доаѓање, но останува по неговата смрт.

Здравствената екологија ги посматра интеракциите на популацијата и околината кои во денешни услови се менуваат константно во неповолен правец за здравјето на човекот. Главна задача на здравствената екологија е да се пронајдат квантитативни податоци кои би послужиле во заштита на човековото здравје од неповолните ефекти на околината, како и да го унапредат здравјето со позитивно влијание врз околината.

Методологија

Здравствената екологија е полиметодична дисциплина која во своите проучувања се користи со сите методи на класичните дисциплини што на некој начин ги синтетизира во себе. Секогаш се воделе многу расправи дали се корисни методите на анализа и синтеза, т.е. редукционизмот или холизмот. Сепак, најзастапено мислење е дека во здравствената екологија не можеме да се занимаваме исклучиво со анализа на индивидуалните (објекти) случаи, ниту само со синтеза на проблемите. Здравствената екологија ги користи двата начина и нејзината сила е во сеопфатниот пристап на феноменот што го прочува.

Основни барања на здравата околина се чистиот воздух, здравствено исправна вода за пиење и доволни количества на вода, соодветна и сигурна исхрана, сигурни и мирни населби и стабилна глобална околина. Интеракцијата помеѓу чоечкото дејствување и неговата физичка, хемиска, биолошка околина ги дефинира Светската здравствена организација во 1992. Врз здравјето влијаат три групи на фактори, но и човечкото здравје влијае врз нив. Тоа се интензитетот и природата на човечкото дејствување што ја чинат: земјоделското, индустриското и енергетското производство, користењето и управувањето со водата и отпадот, урбанизацијата, дистрибуцијата на заработувачката и економиите во рамките и помеѓу земјите, квалитетот на здравствениот систем и нивото на заштита на животната, работната и природната околина.

Физичката и хемиската околина се воздухот, водата, храната, хемискиот состав на почвата вклучувајќи ја и радијацијата, климата вклучувајќи ја и температурата, влажноста, врнежите и сезонските промени. Биолошката околина се видот и раширеноста на патогените и векторите, како и видовите и застапеноста на нивните живеалишта.

Сепак, можеби идејата за нераскинливата врска на луѓето, нивното здравје и околината е најсилно изразена во говорот на индијанскиот поглавица за време на ширењето на територијата на северна Америка:

„… Сите сме ние дел од мрежата на животот и што и да и правиме на таа мрежа си правиме на самите себе…“.

 

 

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion