Потребно време за читање: 4 минути

Ледениот покривач на Арктикот и Антарктикот ги чува под себе клучевите на бурната историја на климата на Земјата, бидејќи снегот таму паѓа во текот на целата година и никогаш не се топи. Тој со себе во ледените слоеви внесува и значително количество на воздух кој со се поголемиот притисок во ледените слоеви се собира и се претвора во мали меурчиња. Тие им служат на научниците како минијатурни временски капсули во кои се зачувани информации за температурата и составот на воздухот, за вештачките и природните врнежи што се протегаат наназад во историјата и по неколку стотици илјади годии.

Во последниве неколку години се откриени мошне значајни, некои дури епохални наоди, факти и сознанија.

Настојувајќи да ја откријат бурната историја на климата на Земјата, што е скриена во длабоките слоеви на ледот, две групи на научници- американски во базата на највисокиот врв на ледената капа на Гренланд, на височина од 3.231 метар, и руската база „Восток“ во источниот дел на Антарктикот, повеќе од 20 години ги дупчат ледените слоеви вадејќи примероци чија старост е утврдена од 150.000 до 200.000 години.

Применувајќи различни методи за утврдување на староста на извадените примероци лед, научниците во нив откриле траги на вулакнска пепел, честички од прашина и радиоактивни честички, за кои е точно утврдено оти потекнуваат од несреќата на нуклеарната централа во Чернобил во 1986. година, потоа од вулканот Лаки на Исланд во 1783. и ерупцијата на сите останати вулкани во историјата на Земјата, се до познатата ерупција на вулканот Везув кој во 79. година ги затрупа Помпеја и Херкуланум во Италија.

Натаму, проучувајќи ја содржината на јаглеродниот двооксид во тие длабоки ледени слоеви научниците утврдиле докази за причинската врска помеѓу јаглеродниот двооксид и загревањето и ладењето на Земјината атмосфера, што им помогнало да дојдат до информации за целиот период од последното ледено доба, што се случило пред повеќе од 75. 000 години.

Прочитај и за ... >>  За движењето на тектонските плочи

Двете групи на научници се надеваат дека ќе успеат да ги откријат тајните на ефектот на стаклена градина.

Во врска со загревањето на планетата:

Количеството на ледот околу Антарктикот расте, а на Арктикот се намалува. Скептиците предупредуваат дека приказните за глобалното загревање се претерани, а експертите велат дека во таа појава сепак нема ништо чудно. Во царството на пингвините заледената површина на водата расте од доцните 1970-ти по стапка од 0,6% за една деценија.

На другата страна на планетава морскиот лед околу Арктикот станува се потенок и претставува опасност за оние кои живеат од лов, домородците и животните како поларните мечки.

Главната разлика е во тоа што арктичкиот лед плута по океанот и се загрева поради промените на водните струи и јужните ветришта. Спротивно, Антарктикот е изолиран континент (поголем од САД), опкружен со огромен океан и создава „сопствен мраз“, така што температурата расте мошне незначително.

Има и друга теорија: дека потоплиот воздух апсорбира повеќе влага, што значи повеќе врнежи, а тоа пак може да значи повеќе свежа вода на површината на океанот околу Антарктикот. Свежата вода мрзне на повисока температура од солената.

Во 2010. година руски научници на Арктикот поставија нова станица што плута на Северниот пол-38, со цел проучување на климата во регионот, како и истражување на релјефот на морското дно, се разбира со користење на современи технологии.

Поларната станица зазема ледено поле од 1.500 метри квадратни, а се планира изведување на комплекс на природни истражувања кои се неопходни за усовршување на методот на хидрометеоролошка поддршка на стопанската дејност во Арктикот. Исто така се планираат и истражувања на физичките процеси условени од глобалните и регионалните промени на климата.

Прочитај и за ... >>  Хималаи

Научниците се истовариле на северозападниот остров Врангел, кој ќе помине долж целиот руски брег на Арктикот и ќе продолжи во мореузот Фрама, во Норвешкото море, веројатно за една година.

Станицата ќе совлада растојание од околу 3.000 километри. Сантата е дебела 3 метри и научниците се надеваат дека нема да се распадне. Ова е седма на ред руска станица која плута, а на неаима 15-мина научници кои би требало да престојуваат една година.

Според резултатите од „Пописот на животот во морето“ на меѓународниот научен проект чија цел е собирање на податоци за светските океани, утврдено е дека најмалку 235 животински видови живеат во акртичките и во антарктичките мориња, и покрај нивната меѓусебна оддалеченост од околу 11 000 километри. Прашањето е како тие видови стасале на обата пола.

Досега се сметаше дека топлите води на тропите се непреодна пречка за миграција на видовите. Се знаеше само за неколку вида, како долгомиграционите сиви китови и арктичките чигри, живи на обете поларни подачја. Помеѓу видовите се црви на студените мориња, ракови, полжавести птероподи. Тие се 2% од вкупно 7. 500 антарктички и 5.500 арктички суштества, кои се дел од светската популација од 250.000 видови, колку што се денес познати.

Арктикот и Антарктикот се многу послични одошто се знаеше досега, а идентичноста на овие 235 видови е потврдена и со генетски анализи.

Во меѓувреме, Русите тргнаа во завршни истражувања на езерото Восток на Антарктикот, најголемото познато езеро под лед на светот (3.600 метри). Се смета дека во него би можеле да се пронајдат непознати организми, зашто е изолирано од остатокот на светот 14 милиони години. Со тоа би се открило и какви услови владееле на Земјата одамна пред појавата на човекот. Патот до езерото ги води научниците преку џиновска дупчалка.

Прочитај и за ... >>  Брзината на звукот на Марс

На површината на тлото над езерото уште од советските времиња се наоѓа руската истражувачка станица Восток. Инаку, тој дел од Антарктикот и припаѓа на Австралија. На оваа станица е измерена најниска температура на Земјата од -89,2 степена Целзиусови!

Восток е единствено езеро, зашто е сосема изолирано од останатите 150 езера што се кријат под ледот на Јужниот пол. Тоа е олиготропско, што значи дека е презаситено со кислород. Концентрацијата е 50 пати поголема одошто во другите слатководни езера.

Научниците од Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот од Санкт Петербрург во Русија уште од 1990. го дупчат ледениот покривач, но на повеќе наврати прекинувале плашејќи се дека ќе го нарушат и контаминираат тој недопрен екосистем.

Моментно дупчалката стасала на длабочина од 100 метри над езерото, а кога ќе му се доближи на 20 метри механичкото сврдло ќе биде заменето со тн. „термално копје“ кое е опремено со камера.

Научниот свет со нетрпение исчекува да сознае како изгледаат организмите кои се развивале во целосна изолација полни 14 милиони години, зашто на тој начин ќе согледаат какви услови владееле на Земјата многу пред појавата на човекот.

Научниците се надеваат дека во езерото ќе откријат екстремофили, живи организми кои успеваат да опстанат во есктремни услови. Живите суштества во езерот Восток морале да се прилагодат на средината презаситена со кислород, можеби со помош на заштитни ензими.

Условите во езерото се мошне слични на условите какви што владеат на Јупитеровата месечина Европа и Сатурновиот сателит Енцеладус, што значи дека новите податоци би можеле да ги поткрепат аргументите во прилог на постоење на живот надвор од Земјата.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here