Бизнис, бизнис- ништо друго?!

0
14

Најнапред, потврдувам дека е така, дека во современиов свет не може да биде поинаку: сѐ се сведува само на бизнис и на ништо друго! Сѐ друго настрана, сѐ друго неважно. Како неважно? Маргинално?

Се разбира, не. Сѐ е бизнис единствено ако поимот „бизнис“ го прифаќаме во најширока смисла: како работа од кој било вид, ангажман, активност. Не  е, не може сѐ да е бизнис и само бизнис ако тој поим значи она што, за жал, кај нас (и не само кај нас) всушност значи: пари, пари, „сѐ за пари“.

Од колкумина ваши блиски и далечни сте го слушнале, на пример, ова:

„Батка, сѐ во животот се сведува на пари. Врти-сучи, тоа му е. А ти само занесувај се ако мислиш поинаку. Дека  ќе направиш нешто во животот, дека животот ќе си го суредиш во пристојни рамки без пари“.

Да го проблематизирам малку претходниот став, имено дека сѐ е пари, сѐ е бнизнис:

Дали моралните вредности можеме да ги сведеме на пари? Поточно, дали тие можат да се купат? Само некои: љубовта, честа, почитувањето, довербата, толеранцијата итн. Дали да ја спомнувам хуманоста, човечноста?

Ќе речеме: не можат да се купат, ама не можат да опстојат без пари. Точно, но од друга страна токму со пари, меѓу другото, и се потврдуваат тие кај оној што ги има и ги дава како нивна поддршка, како развој.

Не сме ли поточни или попрецизни ако кажеме вака:

Моралните вредности создаваат вредности кои имаат своја цена и можат да се пресметаат. Ама не пазарна цена, не секогаш и само со пари!

На пример, спасувањето на еден живот со парична помош (за операција) е „пресметано“ со цена за операцијата. Или, пример од творештвото-уметноста: поседувањето на уметничко дело има цена која треба да се плати (со пари).

Не е сѐ бизнис, сведувајќи го на пари-„сѐ е пари“, кога би постоел и постојано би се надградувал критички однос спрема се во животот, па и спрема самиот живот-кога е тој сведен на стандардот. Критички однос или активна критика насочена кон создавање на систем на вредности.

Сега се „доближив“ до друга, „блиска, а сепак далечна“ тема: меценатстовото, кое во нашево време „умре“, а негова замена не е ниту спонзорството, ниту филантропијата (во најширока смисла). Но за него другпат.

Ќе живуркам, ќе гладувам, ќе бидам бедник, ама не дозволувам животот да му го подарам или продадам (сеедно) на некој бизнисмен. Особено не на наш, „прекуноќен“.

Таков си? Од таквите…тврдоглавите? Блазе си ти. Кога би имале повеќе такви како тебе…

А бизнисмените? Сте чуле ли некој од нив разочарано да изјави:

„Што ќе ми се парите, што ќе ми е богатството, кога немам…“.

Ако сте чуле, значи дека мисли на нешто од она што со пари не се купува. А некој поради тоа да се откаже од парите, богатството, бизнисот?

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion