За најголемите италијански банкари во 15. век: Медичи

0
14

Тоа се членовите на прочуеното семејство,мали династи во Фиренца, а потоа и во останатата Тоскана. Нивниот брз подем почнува со Салвестре ди Медичи (1331-1388), кој бил еден од водачите на востанието на циомпите во 1278. година.

Медичи било тосканско селско семејство кое во 12. век се доселило во Фиренца. Нејзините членови за првпат се појавуваат во средновековните историски извори од 13. век. Станало богато, но се уште не му припаѓало на најтесната градска елита.Семејството Медичи се делело на три основни гранки: Карисимо II, Козимо Постариот и Лоренцо Помладиот.

Џовани ди Бичи (1360-1429) се стекнал со трговски и банкарски бизниси, особено за време на екуменскиот концил во Констанца (1414-1418), голем имот, сигурен темел на подоцнежната семејна моќ. Тој се поврзал со фирентинскиот народ против патрициската олигархија, на чело со семејството Албици. Бил неколку пати приор (началник) на фирентинската комуна, а во 1421. гонфалониер; оттогаш тој е вистинскиот господар во Фиренца. Негови синови се Козимо Постариот, основач на постарата лоза Медичи, и Лоренцо Помладиот, основач на помладата лоза.

Врвот на моќта и богатството го достасале под Козимо I Медичи- Постариот (1389-1464), како и под неговите наследници. Поседувале поголем број на мануфактури за производство на свила и волна, а имале банкарски филијали ширум Европа.

На постарата лоза преминало владеењето во Фиренца. Козимо Постариот (1389-1464) го зголемил семејниот имот со поволни трговски работи. Во борбата со своите патрициски противници (Албици, Строци, Уцано) извојувал победа  потпирајќи се на народот и на работниците, па семејството Албици морало засекогаш да ја остави Фиренца (1434). Во следните 30 години Козимо е неспорен господар на Фиренца која само според името е република; нејзиниот устав му овозмувал да одлучува во законодавството, управата и судството.
Тој ги заштитувал и ги помагал книжевноста, науката и уметноста (Донатело, Брунелечи, Гиберти, Лука дела Робија), подигал прекрасни градби, по падот на Цариград (1453) примал византиски бегалци кои на Запад го ширеле познавањето на грчкиот јазик и класичната култура, набавувал грчки и латински ракописи. Основач е на новоплатонистичката Фирентинска академија, во која се создадени значајни дела на ренесансната уметност. По смртта го добил прекарот Pater patriae (татко на татковината).

Козимовиот син Пјеро (околу 1416-1469), политички недораснат, се одржал на власт само со помош на народот. Го наследил неговиот постар син Лоренцо ил Мањифико (Величествениот, 1449-1492), а помладиот син Џулијано (1453-1478) загинал како жртва на патрициска завера.
Останувајќи конечно победник во борбата со фирентинското семејство Паци и со папата Сиксто VI, Лоренцо ил Мањифико го надгледувал сиот јавен и приватен живот во фирентинската комуна. Тој уште во поголема мера отколку неговиот дедо е мецена на учени и уметници (М. Фицино, А. Полицијано, Пико дела Мирандола, Микеланџело). Сестрано образован, и самиот е еден од големите писатели во 15. век. Во времето на обновата на книжевноста на народен јазик тој придонел за развој на италијанската поезија; најизворно дело му е краткиот комично- реалистичен еп „Nencia da Barberino“, шеговит опис на маките на вљубен селанец.

Во владеењето го наследил најстариот син Пјеро (1472-1503). По две години него и неговите браќа го протерале приврзаниците на Савонароли, кои вовеле републиканско- демократски режим (1494-1512). Второроденоиот син на Лоренцо, Џовани (1475-1521), во 1513. година станал папа под името Лав X.

Лоренцо II (1492-1519), најстар син на Пјеро, воспоставил власт на семејството Медичи во Фиренца со помош на шпанската војска, а неговиот стрико папата Лав X му ја дал и војводината Урбино. Сега Медичи господареле со цела Италија, а Макијавели во нив ја гледал онаа сила што ќе ја обедини цела Италија. Лоренцо II ја оставил ќерката Катерина (1519-1589), која по мажачката за кралот Хенрик II станала француска кралица.

По смртта на Лоренцо II, владеењето во Фиренца ја презел единствениот законит жив Медичи од постарата лоза, Џулијановиот син Џулио (1478-1534). Кога тој во 1523. станал папа (Клемент VII), власта во Фиренца ја презеле Алесандро (1510-1537), незаконит син на Лоренцо II, и Иполито (1511-1535), незаконит син на Џулијано, војвода од Немоурс, третороден син на Лоренцо Величествениот. Според царската привилегија, Алесандро го добил називот војвода од Фиренца. Го убил неговиот подалечен роднина од помладата лоза Медичи, Лоренцино (1513-1548), а Иполито умрел веројатно отруен. Во 1537. година војвода од Фиренца станал Козимо I, од помладата лоза Медичи.

Основач на помладата лоза Медичи е Лоренцо Постариот (1395-1440). Неговиот правнук Џовани (1498-1526) бил прочуен војсководец и заповедник на папинската војска. Борејќи се на страната на францускиот крал  Фрањо I против царот Карло V, убиен е во битка кај Мантова. Неговиот син Козимо I, наречен Велики (1519-1574), бил прв голем војвода на Тоскана (1569). По изумирањето на машката линија во постарата лоза на семејството Медичи, Козимо станал војвода на Фиренца. Во 1555. година тој го проширил своето владеење со освојување и анексија на Сиена. Основал пинакотека. Неговата внука Марија (1573-1642) со мажење за кралот Хенрик IV станала кралица на Франција. Го наследил синот Франческо (1541-1587), кој стекнал назив голем војвода на Тоскана. Владеел во целосна зависност од Австрија.

Козимо II (1590-1621) повторно ги подигнал угледот на Тоскана и нејзината морнарица во Средоземното море, а за време н Фердинанд II (1610-1670) и Козимо III (1642-1723) Тоскана се повеќе пропаѓала.

Синот на Козимо III, Ѓан Гастоне (1671-1737), бил последниот голем војвода на Тоскана, која ја анектирала Австрија во 1737. година.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion