Паметни ќелии

0
8

Постојат во многу видови ткива на возрасните луѓе, а нивната најголема концентрација во телото на возрасно лице е во коскената срж и крвта. Меѓутоа, и она што до вчера се сметало за биолошки отпад денес може да нѐ спаси од смрт, дијализа, треперење на рацете, ќелавост, брчки, старост и-загуба на саканите.

Идејата нашиот организам да може да биде излечен и заздравен со делови од нашето тело звучи по малку научнофантастично, меѓутоа истражувањата докажаа дека човечкото тело навистина поседува единствена форма на резерви, чија цел е обновување на оштетените ткива. Станува збор за матичните ќелии, ќелиите од универзален тип кои во текот на развојот на ембрионот се развиваат во сите видови ќелии, како што се црвените крвни зрнца и ќелиите на кожата, а во подоцнежната фаза од животот имаат способност да ги поправаат оштетените ткива.

Спасоносен „отпад“

Плацентата и папочникот, кои биле удобно засолниште на нашето бебе додека не дошло на свет, нашите заби, дури и нашето сало се всушност чувари на овие драгоцени ќелии.

Знаеме дека матичните ќелии се секаде, но зошто е тоа така? Причината е дека сите органи се васкуларизирани. На крвниот сад се закачуваат перицити, од тие перицити се издвојуваат матичните ќелии и оттаму објаснението од каде матични ќелии во секој орган на нашето тело. И папочникот има капилари, а капиларите значат и матични ќелии. Во тек се истражувања кои би можеле да потврдат дека ќелиите, кои се добиваат од самото ткиво на папочникот, се многу поквалитетен и многу подобар избор од бројни други решенија за неврорегенеративните процеси кои се случуваат во нашето тело.

Разликата помеѓу возрасните матични ќелии и оние што се земаат од папочникот е во нивната потентност, односно можноста од нивна преобразба во одреден вид ќелии. На пример, матичните ќелии на панкреасот можат да дадат само ќелии на панкреас, додека матичните ќелии земени од папочникот можат да дадат околу 200 типови ќелии.

Меѓутоа, дали примерок од 30-тина милилитри крв од папочникот може да обезбеди доволно количество матични ќелии за лечење на тешки болести и може ли нивниот број по примерок да се згоеми?

Др Лоренца Лазари, директорка на Фондацијата за истражување во миланската болница „Ospedale maggiore policlinico“, една од најпризнатите стручњаци од областа на регенеративната медицина, вели:

„Количеството крв собрано од папочникот зависи од неговата должина и од самиот папочник. Имајќи предвид дека од мал примерок можеме да земеме малку матични ќелии, почнавме да работиме на тоа да експандираме-намножиме матични ќелии што ќе ги добиеме за тие да можат да се трансплантираат во возрасен пациент“.

По неколку години истражување резултатите станаа видливи, а тројца пациенти од поликлиниката веќе учествувале во студијата.

„Бевме во можност намножувањето да го извршиме 50 пати“, вели Др Лазари. „Процедурата помина без компликации и нашите тројца пациенти-момчиња од 6 и 8 години и 7-годишно девојче-денес живеат нормален живот“.

Пат низ капиларите

На кој начин матичните ќелии всушност му помагаат на организмот? Како го репарираат ткивото и како научниците ги програмираат да се претворат токму во онаа од 200-те видови кои ни се потребни во даден момент?

„Ако зборуваме за срцето, на пример, за црниот дроб, постојат комерцијални ќелиски линии кои ние во лабораторијата прво ги собираме, а потоа намерно ги оштетуваме така што практично симулираат оштетување во организмот и на тој начин ги програмираат ќелиите да го репарираат оштетеното ткиво токму на оној орган што ни е потребен, односно оштетен. Досега ја користевме трансплантацијата на овие ќелии во периферниот крвоток и тие се доволно паметни оттаму да го „намирисаат“ проблемот и да тргнат на местото каде што ја почнуваат репарацијата. Како што екипи на пожарникари одат да гаснат пожар, така и матичните ќелии одат точно на местото кое би требало да го репарираат. Важен детал е дека матичните ќелии по влегувањето во периферниот крвоток доаѓаат до оштетеното ткиво, но не се всадуваат во него. Тие доаѓаат до местото на оштетувањето, потоа на тоа место секретираат одредени фактори кои матичните ќелии-кои инаку се наоѓаат во тие оштетени ткива, на пример, во белодробното ткиво-се будат и им јавуваат дека околното ткиво им е оштетено, па да почнат да работат на негово санирање. Единствено што им преостанува на научниците потоа е да ги следат ќелиите кои дошле до оштетеното ткиво, да не се шират натаму“, вели Др Лазари.

(Извор: http://www.vreme.com/; преведено од српски со мали скратувања)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion