Во поширока смисла, самоволието се разбира како манифестација и примена на неограничена волја на поединец или група, наспроти усвоените и важечки општествени норми. Примената на неограничена волја се смета за самоволие, без оглед дали тоа го прави мнозинството, малцинството или поединецот. И тоа во сите ситуации кога изразената волја е во спротивност со важечките општествени и законски норми или, пак, таа е во спротивност на интересите, стремежите и барањата на пошироката општествена заедница.

Моќта може да се дефинира како способност или можност поединци или општествени групи да ги наметнат своите сопствени интереси, решенија или промени. Со други зборови, општествената моќ го означува наметнувањето на решенија или промени во општеството од страна на општествени субјекти кои им соодветствуваат на нивните интереси и потреби.

Појавите на самоволие се манифестираат во најразлични форми на насилно и незаконско вршење на јавни и општествени функции, почнувајќи од најниските до највисоките инстанци. Како облик на изразување на неограничена волја или злоупотреба на овластувања, тоа може да се јави во сите политички системи и општествено-економски односи, но најчесто и најцелосно се манифестира во автократскиот облик на владеење. Всушност, тоа е едно од неговите основни карактеристики.

Злоупотребувајќи ги општествените овластувања на државната власт, односно применувајќи ги расположливите средства на принуда, самоволниците му ја наметнуваат својата волја на општеството сѐ до нејзиното поистоветување со врховните закони на општествената заедница. Таквата состојба во општеството секогаш ги доведува во прашање пошироките, па дури и основните права и слободи на граѓаните, со нагласена и зачестена појава на разновидни облици на терор и насилство.

Едно од основните прашања при разгледувањето на општествената моќ е: кои се најзините извори, врз основа на што настанува таквата способност?

Во општествените науки постојат разни теоретски ставови кои изворот на моќта го гледаат во индивидуално-психолошките карактеристики, стручноста, во институциите како формализирани и со закон утврдени извори на моќ, во силата, и тоа посебно воената и сл.

Се смета дека постојат два основни извора на моќта: првиот е во областа на економските односи, а вториот во општествено- политичките. Ставот е дека нема носители на моќта кои изворите на својата моќ не ги темелат, во помала или поголема мера, врз општествено-економските односи во општеството. Во таа смисла, изворите на моќта се засновани на тоа колкава е моќта спрема средствата за производство, од што произлегува положбата во општествената организација на трудот, во начинот и стекнувањето на вишокот на вредноста. Од друга страна, општествено-економските односи, како извор на општествена моќ, укажуваат на начинот на репродукција на општественото богатство и положбата што ја имаат општествените групи како носители на таа моќ, а во однос на репродукцијата на тоа богатство. Едновремено, своите корени и политичката моќ ги има во општествено- економските односи, но таа првенствено се изразува во политичкиот процес поради што може да добие и одредени специфични извори: политичките партии и другите форми на организираност на политичките субјекти, карактерот на структурата ва вредносниот систем.