Од историјата на есејот

0
17

Точно се знае кога настанал есејот: во март 1571. година. Имено, тогаш големиот писател Монтењ почнал да ги редактира своите есеи. Четврт век подоцна во Англија, независно од Монтењ, се појавија есеите на Бекон. Нешто подоцна, во 1603. година, Англичаните го добија и преводот на есеите на Монтењ.

Овие три клучни моменти го раѓаат новиот книжевен род кој во текот на следните столетија се развива и формира се повеќе. Терминот есеј почнува да се применува на неколку, ако не истоветни, во секој случај сродни видови на една основна појава.

Првиот книжевен вид е оној што го дал самиот Монтењ: интимни написи за сите лични мисли, дури и за безначајни моментни расположенија, изложувани без особено почитување на теоретските правила, но пишувани со голема уметничка дарба. Вториот вид, задржувајќи ги почетните особености на овој, се запре на книжевната критика, посебно на книжевниот портрет. Третиот вид или тип на есеј, имајќи ја предвид нецелосноста и недовршеноста што ја носи во себе тој термин, се задржа на крупни и најкрупни теми што го интересираат човекот, а кои не можат дефинитивно да се согледаат.

Првиот вид на есеј е основен и најтипичен. Тој се занимава со сите или речиси со сите теми: животот, слободата, вистината, смртта, амбицијата, омразата, соништата, со гости, роднини, со тутунот и пушењето итн. Ги користи сите расположливи средства: кратката реченица, огномет од зборови, каприциозен стил, цитати, алузии, вербално богатство, духовитост, хумор, фантазија, лирика.

Вториот вид се концентрира на пошироки и потесни книжевни теми, а притоа не одбегнувајќи ги наведените средства што се однесуваат на првиот: натурализмот и идеализмот во уметноста, прозниот стил кај поетот, принципите на реализмот итн.

Третиот вид преоѓа во областа на трактатот, но без одредена храброст да зачекори во него. Темите ги црпи речиси од сите области на човековото испитување и осознавање: архитектурата, ботаниката, геометријата, средствата за масовна комуникација, воопшто цивилизациските достигнувања.

Инаку, самиот термин есеј е од француско потекло и значи обид, оглед.

За есејот, како специфичен книжевен жанр, можеме да го заклучиме следново:

Есејот е покус прозен напис во кој се изложуваат лични впечатоци и погледи за некое прашање од животот, моралот, науката или уметноста. По правило, авторите во него не употребуваат научни методи на фактичко или логично докажување, туку се повикуваат, изрично или имплицитно, на сопственото или општочовечкото искуство, притоа настојувајќи со реторички или поетски средства да му се доближи на читателот сопственото сфаќање.

Бидејќи постојано се движи помеѓу три различни области, односно помеѓу книжевноста, новинарството и науката, доближувајќи се понекогаш до репортажата, понекогаш до цртичката, краткиот разказ или песна во проза, а понекогаш до научниот напис или расправа, есејот е мошне тешко да се дефинира. Во секој случај, тој и денес се задржал и се развива како посебен книжевен род кјој се разликува од научната и новинарската публицистика со својот мисловен квалитет и личен стил, па може да се одреди како:

Пократок состав кој дискурзивно изложува некое прашање од животот, моралот, политиката, уметноста или науката, во проза што носи изразит печат на авторовиот мисловен и творечки темперамент, и кој живо и непосредно му се обраќа на образованиот читател-слушател.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion