Токму така ги нарекуваат-ги назначуваат делата на најзначајниот претставник на скандинавскиот дизајн Арне Јакобсен. Во светот е познат според своите столици со меки и хармонични линии, но и според други трајни творби на секојдневната покуќнина.
Живеел од 1902. до 1971. година и извршил огромно влијание врз менувањето на културата на становањето во периодот непосредно по Втората светска војна. Архитект, пасиониран вљубеник во сликарството и градинарството, во своето творештво постојано, како што забележува критичката мисла, настојчиво се стреми кон рафинирана симбиоза помеѓу креативноста и индустријализацијата, силно потпирајќи се на природата и опкружувањето.
Во 1952. година ја дизајнира првата столица со максимално користење на новата технологија на сериското производство. Таа се состоела од 3 метални ногарки и седиште и наслон од обликувана, извиена шперплоча што ја правела удобна и ергономска. Столицата е наречена „ant“ (мравка), а заедно со познатата со 4 ногарки од „Серија 7“, која настанала набрзо по неа, станаа класика на историјата на дизајнот и се уште се произведуваат во мошне големи серии, токму благодарение на својата функционалност и широката примена.
Мора да се посочат и други парчиња мебел-дела кои станаа симбол на данскиот дизајн. „Неодминливи“ се фотелјата „eg“ (лево), што ја произведе Фриц Хансен за хотелот „Radison Sas Rojal hotel“-во форма на јајце, а претставува синтеза на апстрактни и природни форми, како и ламбата „AJ parete (ѕид)“, исто така правена за „Rojal hotel“ во Копенхаген-има подвижна (насочувачка) светилка и се уште ја произведува фирмата „Luis Pulsen“.
Карактеристика на творештвото на Јакобсен е нескротливата желба да се опкружи со убавина која на индустрискиот производ му дава квалитет на рачна изработка, при што мошне внимателно дизајнира секој детал. На пример, хотелот „Rojal“, кој денес му припаѓа на луксузниот синџир „Radison“ и е завршен во 1960. година. Тој е проектиран за авио- компанијата „SAS“ во Копенхаген, а претставува стаклена кула со 20 ката. Во него славниот автор добил можност да го изрази својот талент дизајнирајќи речиси сѐ-од проектот на зградата до ентериерот, мебелот, осветлувањето, ткаенината (на мебелот), кваките и есцајгот за ресторанот. Многу од најпознатите предмети на Јакобсен се креирани специјално за хотелот, за подоцна да влезат во сериско производство.
Според решенијата, хотелот е предвесник на современите хотели, а интересно е што собата 606 остана недопрена, заштитена од промените на модернизацијата, со првобитните мебел, ткаенини и бои. Меѓутоа, таа не претставува мал музеј, туку и натаму се користи за сместување и престој на гости.
Футуристичкиот есцајг, кој многу години подоцна е користен во филмот „Одисеја во вселената 2001“, потоа металните ламби со насочувачки светилки, фотелјите со заоблени линии „eg“ и „svon“, се предмети кои на најдобар начин го изразуваат хармоничниот и сензуален минимализам, оригиналноста и инвентивноста на авторот.
И нешто „најнепосредно“ поврзано со VOLA, данска фирма која учествувала во опремувањето на бањите на хотелот, користејќи ја, меѓу другото, иновативната линија на славини со една рачка. Имено, Арне Јакобсен сакал да го елиминира естетскиот хаос кој владеел во бањите поради различните арматури и инсталации. Тој е првиот кој во нив го вовел дизајнот и го изменил разбирањето за обликување на бањата главно како функционален простор.
Фирмата направи уште еден чекор во таа насока-стилска бања: индивидуални дизајнирани варијанти за изработка на грејач за крпи за бришење. Се работи за ѕидно вграден грејач кој се прилагодува индивидуално, значи сите технички функционални делови се интегрирани во ѕидот. Конструиран е како флексибилен систем од грејачки шипки, какј кои нивниот распоред и број можат слободно да се комбинираат, а дури може и да се прилагодуваат според поместувања на плочките. Концептот овозможува најголема можна слобода и нуди перфектно дизајнерско решение за секоја модерно обликувана бања.