Потребно време за читање: 2 минути

За разлика од просторот како димензија на сушноста, кој овозможува опстанок на битијата едни покрај други, времето е димензија на последователност на битијата едни по други, постоење на стварите во промената на нивното настанување и исчезнување. Во својот опстанок битието бидува, постои и без престан зема нови ликови, се стреми кон она што сѐ уште не било-кон иднината.

Но штом во еден миг ќе ја достигне, едновремено ја престасува сегашноста и ја остава во минатото. Во таа смисла физичкото време е најнапред таква димензија на сушноста што не може да се заобиколи. Сеопфатно е како космичкото време и се ориентира според движењето на небеските тела. Оттаму потекнува и часовното време на кое се потпира историската хронологија.

Аристотел прв го дефинира времето како „број (мера) на движењето спрема она што било порано и што ќе биде подоцна”. Ова поимно часовно време се ориентира според просторот и останува меродавен со векови, сѐ до Њутновата теорија на „апсолутното време” на класичната физика.

Прочитај и за ... >>  За иконата и фреската

Во 20. век физичкиот поим на времето е корегиран со општата и специјалната теорија на релативитетот на Ајнштајн, па во моделот на четири-димензионалниот простор на Минковски нема повеќе апсолутна истовременост, а времето е сведено на четвртата димензија на просторот. Ова објективно време како континуирана низа на точки, кај што секој настан во секое време има свое одредено место, ја прави основата на физичкото истражување. Во негови рамки сѐ може да се мери ако во ист систем на координати однапред се одредат димензијата, почетната и завршната точка од низата.

Критикувајќи го Њутн, Кант го изнел учењето за „емпирискиот реалитет” и „трансцеденталниот идеалитет” на просторот и времето оти тие непосредно не можат да се потврдат искуствено затоа што априори се услови на искуството. Наспроти ова сфаќање на објективното време, уште Августин истакнал дека времето е во непосреден однос спрема човечкото временско доживување, и токму поради тоа е нешто „субјективно”: тоа не е индиферентен след на точки-моменти без внатрешна врска, туку во секој момент душата со своето доживување на сегашноста во ист момент е над неа обединета со минатото и иднината.

Прочитај и за ... >>  За политичката мисла и политичката држава

Во поново време Бергсон го отфрлил рационалистичкиот поим на механичкото време како надворешно мерлива сукцесија и му го спротивставил внатрешното „вистинско време” на чистото траење. Хусерл строго го разликувал космичкото мерливо време од внатрешното временско доживување како исконски облик на сите содржини на трансцеденталната свест во струјата на доживувањето.

Теориите за времето на Бергсон и Хусерл создаваат претпоставка за извонредното место на времето во филозофијата на егзистенцијата, особено во егзистенцијалната онтологија на Хајдегер која, наспроти „вулгарното” сфаќање на времето, го истакнува исконското време како хоризонт на разбирањето на сушноста, а временоста во смисла на конечност се одредува со темелната структура на човечкиот опстанок од кај што произлегува неговата историчност-симултаноста на минатото, сегашноста и иднината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here