Социологија и демографија- врска или синтеза

0
13

Демографија, социологија?! Лаик едноставно би рекол дека се тоа науки кај кои првата го проучува населението, а втората општеството. Сфаќајќи го ова како лаички констатации, нема многу да ги земаме предвид, но секако ќе се обидеме на тој ист лаик да му укажеме како некои работи изгледаат од овој наш, социолошки агол, за во иднина да нема една редукционистичка слика, како за социологијата, исто така и за демографијата.

Согледувајќи го настанокот и развојот на овие науки, како и согледувајќи ги  коренитите промени кои му претходеле, дојдов до заклучок дека обете науки претставуваат израз на единство на структурални општествени потреби, теоретско-методолошката зрелост и подготвеност на научниците, истражувачите, да одговорат на тие предизвици на општеството и своето време. Појавата и развојот на разни облици на научно сознание се детерминирани од општествените потреби и интелектуалните сили на човештвото  во секоја епоха, во која поединци, со својот талент и способност, реагираат на даден проблем, артикулираат дадена општествена потреба која ја покажала својата тежина. Така настанале и науките кои, моментно, се во фокусот на нашето интересирање, социологијата и демографијата. Јасно ни е дека овие две науки се разликуваат, како според својот специфичен предмет и метод на проучување, исто така и според својата теоретска основа, системот на знаење, категории и терминологија, но сега се поставува прашањето: во каков причинско-последичен однос коегзистираат овие две научни дисциплини?

Теоретската, или чистата демографија, го проучува населението во општа и апстрактна смисла, притоа водејќи сметка особено за количинските односи помеѓу разни демографски појави. Други научни дисциплини (економија, солциологија, социјална хигиена…) ги проучуваат структурите, но и карактеристиките на движењето на населението, за да ги објаснат економските, социолошките и други појави, имајќи ги предвид и демографските варијабли. Ова го потврдува фактот дека демографијата е тесно поврзана со многу науки. Од друга страна, социолошките, економските, медицинските, географските и биолошките врски се мошне значајни кога е збор за експликација, т.е. за објаснување на промените, тенденциите и законитостите во процесите, но и во поставувањето на методолошки и теоретски основи на секое истражување. Резултатите на демографските истражувања можат да бидат мошне корисни за наведените научни дисциплини, оти тие мошне често претставуваат рамки во кои се наоѓаат извесни појави и структури, како и нивни промени, а тие рамки се релевантни и од аспект на истражување и проучување на други дисциплини.

Што се однесува на односот помеѓу демографијата и социологијата, треба да се каже дека е тој евидентен оти предмет на едната или другата дисциплина е општеството, но самите позиции, од кои тие ги согледуваат, се различни. „Многу структури на населението, тенденциите во нивните промени, испитувањето на меѓузависноста со компонентите на движењето, како и со други демографски структури (старост, пол, брачна состојба), се релевантни од аспект на социологијата во проучувањето на општеството и неговиот развој“ (Др. Душан Брезник, „Демографија“, 1977, Белград).

Од друга страна, објаснувањата во демографските појави се можни само кога се имаат во вид психо-социолошките, социо-економските и социо-културните фактори кои дејствуваат врз овие феномени, но и врз демографските структури. Да ги земеме за пример миграциите кои, како еден специфичен општествен феномен на детерминирана структура на социјалниот систем (образование, етнички фактори, работни услови…). Урбанизацијата, индустријализацијата, тн. рурален егзодус итн., претставуваат феномени благодарение на кои се разви урбаната социологија, за чии истражувања се мошне важни соодветните демографски проекции. Со ова докажуваме дека демографијата и социологијата имаат силни врски во минатото, но и дека тие врски успеале да се одржат и во современиот период.

Демографијата, со својата специфична граѓа, и помогна на социологијата во смисла на воспоставување на нејзиниот дескриптивен и сознаен карактер во нејзините проучувања. Обратно, демографијата не може да ја оспори благодарноста што и ја должи на социологијата која, истражувајќи ги бројните аспекти на општеството, придонела за експликација на демографските карактеристики на движењето, потоа при анализата на структурите на населението итн.

Од овој кус есеј не може да се види целосната слика на односите на овие две дисциплини. Таа само од ова може рамковно да се согледа и со подоцнежно истражување може да се претвори во некоја студија која, засега, ќе им ја оставам на разгледување на некои покомпетентни луѓе од мене.

(Преземено и преведено од: http://sociologija.differentia.co.yu/ )

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion