Потребно време за читање: 3 минути

Пајаковата мрежа се смета за чудо во животинскиот свет, а свилата што ја создаваат за најцврста и најеластична материја на светот.

Пајаците имаат 6 различни жлезди на телото кои произведуваат различни видови нишки. Тие се со дебелина од само 0,0004 мм, а се посилни од челични со иста дебелина. Еднакво се силни како најлонскиот конец. Потребно е да се вложи 10 пати повеќе сила за да се раскине една нишка од пајакова мрежа во однос на некои други природни материјали, како што се целулозата, хитинот и колагенот.

Познато е дека пајаците создаваат 7 до 8 различни видови нишки, но сите не се користат за градење на мрежа. Некои се за обложување на нивните живеалишта, на оплодените јајца, на фатениот плен или, пак, при размножување. Имено, некои мажјаци прво со мрежата ја имобилизираат женката за непречено и сигурно да ја оплодат, без страв за сопствениот живот доколку женката по оплодувањето посака брз протеински оброк во вид на веќе непотребниот мажјак.

Иако можеби не ги гледаме како корисни, пајаковите свилени нишки освен како „украс“ во аголот на ѕидот се користат во дизајнирање и создавање на најтенки ткаенини.

Прочитај и за ... >>  Политиката е (и) прагматика

Некои видови пајаци произведуваат мошне јаки нишки кои не се кинат и можат да бидат долги дури 200 метри. Германски пластични хирурзи сакаат нив да ги искористат за зашивање на искинати нерви кај луѓето. Голема предност на тие нишки е што се разградуваат по природен пат и не предизвикуваат воспаление на ткивото.

Во научниот медицински центар на Универзитетот во Хановер во неколку специјално уредени простории мирно живеат 30 до 40 пајаци чии нишки се користат, пренесе германската медиумска куќа „Дојче веле“.

Освен лабораторијата за пластична хирургија на Кристина Алмелинг, која веќе долго работи на Медицинскиот факултет во Хановер, се наоѓа просторија во која се поставени само гранки високи и по неколку метри. Пајаковите мрежи во просторијата се огромни, некои дури со пречник од еден метар, а на гранките има 30-тина членконоги.

„Во оваа просторија чуваме пајаци чии нишки ги користме. Во овој момент тие се со идеална големина. Освен „златносвилените пајаци“, тука се и неколку вида „нефили“, големи пајаци кои можат да нараснат и до 6 сантиметри. Тие овде имаат доволно простор да ги ткаат своите мрежи“, објаснува Алмелингова.

Прочитај и за ... >>  Најново во врска со Исус Христос

Од жлездите во задниот дел од телото на пајакот, кои лачат нишки, научниците со помош на пинцета ја фаќаат нишката и ја лепат за машина која во суштина е тркало со пречник од 30-тина сантиметри. Кога тркалото ќе почне да се врти, тој од телото на пајакот ја извлекува нишката која може да биде долга и до 200 метри.

Нишка произведува една од 7-те жлезди и пајакот не може да го контролира лачењето, па кога научниците еднаш ќе ја фатат нишката тие од него можат да го извлечат сето количество односно нејзината должина. Од големината и дебелината на пајакот зависи колкава ќе биде таа.

Бидејќи пајаковите нишки се мошне цврсти и не се кинат, научниците од одделението за пластична хирургија решиле да ги искористат за зашивање на оштетени нервни завршетоци.

Професорот Петер Фогт, шеф на одделението за пластична хирургија на клиниката во Хановер, смета дека пајаковите нишки навистина можат да помогнат.

Прочитај и за ... >>  Римјаните порано Јадранот го нарекувале Македонско море

„Пајаковите нишки се мошне цврсти и мазни. Мошне важно е и тоа што се природен, а не вештачки материјал. Кога се употребува вештачка материја се јавува опасност од кинење или предизвикување на различни воспаленија во човечкото тело. Пајаковите нишки се разградуваат по природен пат и не предизвикуваат воспаленија во ткивото“, нагласува тој.

Професорот Фогт и неговиот тим сакаат да ги искористат пајаковите нишки за лечење на пациенти настрадани во сообраќајни несреќи, на пример во случај на оштетување на нерви во пределот на рамото кај сообраќајки со моторцикли.

На тие пациенти често не може да им се поврати сетилото на допир во рацете и прстите, па нивното опоравување е неизвесно зашто нервните влакна не можат повторно да се спојат. Имплантацијата на пајакови нишки во рамото на пациентот би требало на нервите да им го покаже патот за повторно спојување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here