Ако се пуштиш од некое високо место, во некое удолно и да не можиш да се качиш пак тамо, ќе ти куца работата и ќе падниш во сиромаштија

0
46

Стоејќи Ангеле берберо на една висока планина, не знам како беше му се потслизнала ногата наудолу, и `а ѓоа да се закрепи со другата нога, и со неа се слизнал и туку се смолзнал наудолу, да беше си паднал во едно долиште, што за триста страоји! Застануајќи на нозе, беше се опулил наугоре, од кај што беше паднал. Коа си клал раката над очи и го поглеал местото, триста страоји беше му влегле во срцето од многуто вишина што било.

На тоа згора почнал да се јази наугоре за да си појди од кај што падна, арно ама земјата била роита, тики не можел да се качит при се што чипчил со прстите од рацете и од нозете. Откоа виде оти не може да се качи Ангеле, се опули назад да види некој пат, да да си излези барем од таа страна, арно ама нито пат видел, ни па местото го познал.

„Бре, анас`н, кај ќе бидам овде- си велел сам со себе- никако не ми текнуат“.

Во тоа време дури си мислел сам со себе така, мнозина луѓе дошле до него и го поглеале кој е, и откоа го погледуале, чунки не го познаале кој је, и Ангеле `и погледуал и не `и познаал кој се тие луѓе.

„Бре, анас`н, како не видов еден мој пријател во олкуа луѓе што извидов во ова место!“

Откоа постоја баеги време тамо и откоа виде оти не можи да се качи на првото место и да си дојди на синоро негов, многу жал беше му паднало, жал, жал, жал, веќе до немајкаде! На жалта одозгора беше му дошла една друга мисла и се претворил, та си рекол сам со себе:

-Ех, толкуа било к`смет и овде ќе се живеи, како да је и овде ќе ватам некој пријател, при се што со никого не сум познат.

На таа голема жал беше се разбудил, со истата жал и се ватил за чело да го помисли соно што го виде и да го толкуа на ошто ќе му излези.

Откоа го видел тој сон Ангеле, од ден на ден ватила работата да му нзаднуа и до ден- денеска нема да му се напредни.

(Зап. Марко К. Цепенков)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion