Тагата

0
18

„Најпрва“ дерфиниција: таа е емоционален одговор на губење на нешто важно, спротивно од радоста. Притоа, за опишување на ова чувство најчесто се користат зборовите „бол“ и „скршено срце“.

Тагата е насочена пред сѐ кон минатото и е обично поврзана со депресијата, каењето, грижа на совеста. Тажниот се повлекува во себе, се проценува себеси во однос на она што се случило, се помирува со настанот што ја предизвикала тагата.

Секој во животот некогаш бил тажен. Ни се чини дека тоа чувство трае цела вечност, иако е докажано дека обично трае од неколку часа до неколку дена. Подлабокото, посилното и подолгото чувство се нарекува потиштеност или депресија.

Зошто сме воопшто тажни? Во текот на животот наидуваме на работи и луѓе кои претставуваат наши точки на потпирање. Тие точки ни го прават животот стабилен, а нас безгрижни. Состојбата на безгрижност е базична состојба кон која се стремиме сиот живот.

Кога сме мали, точките на потпирање се нашите родители. Родителите ни се тоа и кога ќе пораснеме, иако за тоа сме помалку свесни. Пријателите и партнерите во врска се исто така битни точки на потпирање затоа што се наш избор. Родителите ни се она што е зададено.

Значи, во еден преломен момент од животот пуштаме една рака и ја испружаме пред себе за да дофатиме нешто што ни се допаѓа. Другата уште некое време се придржува за старата потпирка. Како дете кога учи да оди и е по малку несигурно да се пушти само, зашто не знае што го чека. Може таа нова потпирка да се оттргне или да не е доволно сигурна па да се скрши, а може да биде и доволно силна и да потрае.

Животот е често непредвидлив и умее да не изненади убаво и да не израдува, но и да не изненади лошо. При лошо нам ни е тешко. Понекогаш го губиме тлото под нозете, не покосува, паѓаме долго.Токму тоа паѓање и „треснување“ од земја е тага.

Стручњаците велат дека да се чувствува тага е понекогаш сосема природно, а причините можат да бидат различни. Најчести се загубата или разделбата, тешките промени или разочарувања поради нешто или проблеми во меѓучовечките односи.

Кога човек се чувствува „празно“ има потреба да ја пополни таа своја внатрешна празнина со нешто однадвор, па посегнува по храна, лекови, алкохол, дрога или неразумно трошење на пари-купува разни, често непотребни работи. Поначесто е свртувањето кон храната, особено слатките, со што се пореметуваат изгледот и здравјето. Тоа, пак, предизвикува уште поголемо незадоволство и на крајот води во депресија.

Следи повторно „лечење“ со храна, и така се создава маѓепсан круг од кого излегувањето е мошне тешко. Слично се случува и со алкохолот, дрогата, пушењето. „Синдромот на купување“ е типичен женски начин на одбрана од стрес,несигурност, разочарување, осаменост.

Доколку тагата потрае предолго и останува предлабоко, го спречува човекот да ужива во добрите работи и тогаш таквото чувство се нарекува потиштеност. Неговите најчести симптоми се испразнетост и вкочанетост, безнадежност, чувство на вина и бескорисност, чувство на осаменост и несаканост, раздразливост. Потиштеното лице се смета себе си за непотребно и одвишно, мозокот му е постојано оптоварен со работа, училиште и сл., има недостиг од енергија за каква било иницијатива, има премалку или премногу сон, премногу или премалку апетит, немир (нема трпение ниту за седење, ниту за одмор), здравствени тешкотии (болки во стомакот, главоболка, болки во градите и сл.).

Преуранетата тага настанува кога сте свесни дека ќе следи загуба, а може да се почувствува кога се знае дека е некој близок болен или оти ќе умре. И децата и возрасните се наклонети кон преуранета тага. Децата чувствуваат секоја промена во односот помеѓу родителите и најлошото што може да се случи е развод. Овој вид на тага ја подготвува личноста за надоаѓачка загуба и со неа може прилично да се созрее.

Тагувањето е процес на навикнување и промени, прилагодувања кои доаѓаат по загуба, а загубата на сакано лице поради смрт е уште позната и под називот жалост или нажаленост. Во зависност од тоа кој сте и каква е загубата, тагувањето е сосема лично искуство и никој не чувствува бол на ист начин.

Исто така, не постои нормален или очекуван период на траење. Постојат луѓе кои се навикнуваат и ги прифаќаат промените во рок од само неколку дена или неколку недели, додека други патат со години, особено ако животот им се променил радикално и загубата била ненадејна.

Што се однесува на симптомите, на почетокот може да се чувствува само шок, потоа јад, бес, вина па анксиозност. Дури е нормално и ако се чувствува олеснување или среќа. Загубата е мошне комплексен феномен кога сите емоции се измешани (понекогаш смеење или потреба од пеење на погреб). Во процесот на снаоѓање и прилагодување може да се западне и во депресија, да се биде премногу возбуден, а може да се биде и безволен до целосна емотивна здрвеност.

Ова тажно чувство може да се пренесе и на телото. Може да се пати од несоница, да се ослаби имунолошкиот систем или да се добие некое психосоматско заболување. При патење од хронични болести тагувањето може значително да ја влоши состојбата.

Каква борба против тагата? Потребна е општествена поддршка и мора да се води сметка за себе, а најбитно е убедувањето дека времето навистина лечи се. Ако состојбата не се промени за недела или две, нужно е да се побара помош на терапевт на болката, зашто тој може да го скрати периодот на жалост. Ако не е можно нормално функционирање поради депресија или премногу анксиозност, треба да се поразговара со лекар.

Терапијата со разговор или со лекови може значително да го скрати периодот на опоравување и да се врати вербата во животот.

Многу е важно да им се помогне на луѓето во депресија. Првиот чекор е опуштен разговор за проблемите и барање помош од стручно лице. Секој човек што е свесен за состојбата на својата потиштеност може да си помогне. Потребно е да биде упорен во собирањето на потребната сила за остварување на своите цели. На почетокот е важно целите да бидат помали и во нивна реализација да се работи секој ден чекор по чекор. За секое остварување на зададената цел треба да следи награда.

Постојат неколку начин на самопомош:

-вежби за дишење-длабокото и опуштено дишење и издишување помага при ублажување на напнатост и потиштеност;
-смеа-веселбата и смеата се исклучително лековити; дружете се со позитивни луѓе;
-враќање во природа- одете или шетајте во парк или во природа; седете покрај водоскок или река;
-благодарност-направете попис на три до пет позитивни настани во својот живот, а потоа размислувајте за секој од нив посебно и обидете се да го сфатите нивното влијание врз вашиот живот;
-давање на себеси-орасположете го со свои зборови некого кој и вас може да ве орасположи, повикајте некое постаро лице од поширокото семејство и поразговарајте со него, почувајте нечие дете, прошетајте нечие куче ако неговиот сопственик е спречен, направете некое добро дело;
-вежбање-физичката активност му помага на расположението; средете го станот, одете брзо или занимавајте се со некоја друга физичка активност;
-внимание-за празник или некој важен датум испратете му писмо или честитка на драго лице;
-посветете се на нешто-на градината, куќни растенија, миленичиња и сл.

Интересно откритие поврзано со тагата: секоја трета млада жена во некој период од животот по секс се чувствува тажно. Ова го покажа едно истражување на австралиски научници. Иако обично по секс се јавува чувство на опуштеност, кај 10% од жените речиси секогаш се јавува чувство на голема тага.

„Во нормални околности по сексуален однос се јавува опуштеност и телото го исполнува пријатно чувство на задоволство, а поради што доаѓа до психичко и физичко опуштање. Меѓутоа, кај некои жени непосредно по секс се јавуваат меланхолија, плачливост, анскиозност, немир и тага. Ние уште не знаеме што може да биде причина за таквите чувства“, изјави водачот на истражувањето Роберт Швајцер.

Според мислењето на стручњаците, причината би можела да се крие во претходни сексуални односи или травматично прво сексуално искуство кои создале чувство на срам, загуба и вина, но се потребни натамошни истражувања за тоа да се докаже.

„Веројатно станува збор за низа фактори, од емотивни до биолошки“, заклучил Швајцер

(Користени повеќе прилози на Интернет и стручна литература)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion