III
Каде е и со кого е најчесто Колумнистот? Каде и со кого може да се најде, да се сретне? Каде било и со кого било сигурно не, ако се има предвид дека луѓе како него, промислувач на современите локални и глобални собитија и движења, внимаваат каде се движат и со кого се дружат. Не затоа што се претпазливи, најпрвин како одбрана на личната слобода и независност, туку пред сè поради една нивна одамна докажана карактерна специфика: секогаш се во потрага по нови и нови аргументи и факти за своите согледувања и стојалишта. Да, најмногу поттикнувани од сомневањето.
Мора да се нагласи дека Колумнистот ретко може да се најде, да се сретне кај што може. Не оти нерадо излегува од своето живеалиште, нерадо се замешува во луѓе. Како сите други како него, и тој своето лично време настојува да го троши што е можно порационално; што е можно помалку да потроши од него за секидневности и маргиналности.
А што се однесува на пишувањето колумни, тоа кај него никогаш не се случува, но и нема никаква подготовка. Седнува пред компјутерот, само избира за што ќе пишува и пишува. Откако ќе заврши, во текстот не менува ни ред ни збор. Само ги поправа печатните и граматичките грешки.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Автентично-Идентично
Кога мислам гласно за автентичното и идентичното, најмногу се задржувам на две стојалишта на учени и мислечки луѓе кои ги споделувам во најголема мера: едното наспоредно со другото и едното спротивставено на другото. Од проста причина што автентичното и идентичното се како постојаности мошне важни, пред сè поттикнувачки во личниот и заедничкиот живот.
Автентичното односно веродостојното или оригиналното е најпрвин на почетокот, кога се „случува“ на крајот како почеток, па потоа како докажаност во континуитет. Тоа е креативно и препознатливо, а претпоставува или сосема ново, до сегашново време непознато, во кое е почетокот на идно, или надградба на постојно-усовршување, дополнување и продолжување. Како сосема ново-непознато и почеток на идно време, тоа едновремено значи вистинско откритие; изум на креативниот дух кој во најголема мера неговиот творец го става во редот на генијалните умови, на оние што го насочиле или пренасочиле развојот на човечката цивилизација.
Во уметничкото творештво тоа често се назначува со „изам“, односно правец, круг, школа. Kој, пак, неретко се изедначува со радикален пресврт.
Автентичното поначесто се „врзува“ за индивидуата, за личноста, а многу поретко за здруженоста, колективитетот.
Идентичното или истото, еднаквото, често погрешно се изедначува со еклектичното и повторливото. Кое во теоријата на еклектицизмот најмногу се потпира на поврзување на ставови, идеи и начела преземени од разни учења, сознанија и искуства. Кога е збор за еклектичното, мислам дека е погрешно затоа што притоа не се зема предвид затврдувањето на постојното и неговото движење наспроти статичноста, пасивноста, за човекот и во човекот апатичноста. Изедначувањето со повторливото, пак, носи опасност од прифаќање на состојба каква што е, навика на неа, автоматизам или несвесно вршење на задачи, обврски, дејствија. Што е, на пример, во основата на роботизацијата во технологијата. Од друга страна, идентичното е неминовно во секојдневниот живот бидејќи тоа најпрвин значи докажување и богатење на автентичното.
За автентичното наспоредно со идентичното:
Тоа е можно, дури нужно кога долго време постои стагнација или назадување. Тогаш автентичното е поттик, замаец, но едновремено „нова страница“ на времето. Идентичното го одразува продолжувањето на чекорењето напред. Тоа е суштината на опстанокот на човекот и човештвото вчера и денес за утре. Автентичното, пак, значи напредување, авангарда, особено во уметничкото творештво. Притоа, идентичното е негова „придружба“.
За автентичното спротивставено на идентичното:
Треба да се разликуваат природна и изнасилена автентичност. Можеби именувањето на двете не е баш најпрецизно, но поважно е моето акцентирање на првата како творечки, креативен „происход“ на духот, а втората е очигледна определба како обид за издвојување или надминување на просечноста, па и на безидејноста. Се разбира, кога мислам на спротивставувањето на автентичноста на идентичноста, мислам на природната која за свое извориште ја има „надареноста од Бога“ (може и без наводници). Во тој „судир“ секогаш „победува“ автентичноста. Тоа се однесува на секоја сфера на животот. Нејзин проблем е општествената, па и статусната непризнаеност која не може да се „надомести“ со признавање „во последен момент“ или по исчезнувањето на нејзиниот творец.
Ја поддржувам автентичноста не толку како наспоредна на идентичното, колку спротивставената на него. Без оглед дали е првична или веќе докажана и континуирана.
2. Политичкото квазилидерство
Ако не му се застане на патот, ако навреме не се открие и не се отфрли, политичкото квазилидерство може да заведе, може да ја мобилизира деструктивноста кај поединецот и масата, па да предизвика дури трагични последици.
Граѓанските војни обично се планираат и подготвуваат во главите на политичките квазилидери. За кои во остварувањето на личните амбиции, интереси и цели, смртта е само неизбежна бројка на „храбри“ животи. Тие се подготвени без никаква грижа на совеста и најмал инцидент да го искористат за разгорување на страстите, омразата и агресивноста.
Случајот од пред повеќе години на едно балканско пазариште наместо да го протолкуваат и прифатат како дел од борбата против шверцот, против криминалот, за жал со трагични последици, а со што би ја потврдиле сопствената заложба за правна држава и за сожителство, тие-политичките квазилидери го искористија за најотворен повик на меѓунационален судир, на војна, со јавни изјави и ноторни лаги. Од кои, сигурен сум, им се креваше косата дури на чесните членови и симпатизери на партиите што ги водат. Нешто за што во една правна држава веројатно би се одговарало пред законот, како антидржавно, непријателско дејствување.
Политичките квазилидери наоѓаат плодна почва за своето дејствување кај маси и поединци со ниско културно, цивилизациско, интелектуално ниво. Профилирани личности, силни индивидуи не можат да бидат заведени од нив, од нивната валкана фразеологија и помрачен ум.
Политичките квазилидери секогаш наоѓаат нерешен или дури нерешлив проблем за да го наметнат како судбински за националниот опстанок. Наместо да работат на културната и духовната еманципација на сопственото членство во достасаните цивилизациски рамки, тие манипулираат со него, го туркаат во хаос, во анархија, и тоа со систем на партиско организирање во кое владеат строги односи на супремација и субординација; во кој „цврстата рака“ не дозволува ниту најмал приговор, камо ли слобода на мислата како основно демократско право во плуралистичкиот свет. Ако некој се противи, ако е некој против таквиот систем, се прогласува за предавник инепријател на сопствениот народ.
Уверен сум дека моиѕр пријатели од блиското минато, па и од сегашново време ќе најдат сили во себе, ќе ја разбудат сопствената свест и совест, и ќе се ослободат од сопствените политички квазилидери. Со сопствениот индивидуалитет, со својата личност и своето дело. И уште еднаш ќе го потврдат своето искрено пријателство со мене и кон мене, сосе заложбата за сожителство на овие наши простори. Не верувам дека се заведени до степен нивните политички квазилидери да можат да манипулираат со нив како знаат и умеат, да не можат да се препознаваат себеси.
Знам дека нема да чекаат, нема да дозволат времето да ги премолчи. Брзо ќе ги отфрлат од сопствените редови. Знам дека мои пријатели од блиското минато, па и од сегашново време нема да дозволат да живеат покрај нас во опсадна состојба. Исто како без нас.
3. Политичката комуникација
Таа настанува при воспоставувањето на односи помеѓу власта и политичката јавност, односно помеѓу политиката и цивилниот сектор на општеството. Притоа, политичката јавност треба да се разбере како групирање на критички настроени и комуникациски активни поединци и групи.
Делотворната политичка комуникација тече според однапред дадени-создадени канали и со активност на одделни општествени институции кои се наменети за јавно и масовно комуницирање-масмедиумите.
Во процесот на политичката комуникација учествуваат три страни: актерите на власта, медиумите и граѓаните-политичката јавност. Во современите општества е типично моќта да се врзува за некое одредено место или институција, како што има многу општествени места и установи без моќ. Како по правило, таквата „судбина“ најчесто ѝ се случува на политичката јавност, значи токму на оној сегмент во кој начелно е можен слободен пристап за сите граѓани.
Не постои ниеден вид политика кој наедно не претставува комуницирање. На пример, комуникацискиот чин е изразување на поединечна волја со уфрлување на ливче во изборна кутија; тоа е исто така парламентарната дебата кога „претставниците на народот“ комуницираат за да се направи добар закон или да се донесе политича одлука; конгресите, митинзите, демонстрациите и манифестациите на партиите, синдикатите или општествените движења се исто така форми на политичко комуницирање. Може да се каже дека комуникацијата е во сржта на политиката кога се прави обид неизбежниот конфликт на интереси да се разреши на мирен начин, а тоа значи со разговор, преговори или договор. Ако решението се бара или се наметнува со сила, истовремено се дерогирани и политиката и комуницирањето. Може да се рече дека таму кајшто престанува политичкото комуницирање почнуваат војна и бунтови.
Однесувањето на политичките актери во политичкото комуницирање лесно може да го откријат нивните својства. Начинот на кој им се обраќаат на граѓаните и медиумите ги открива колку нивните внатрешни демократски капацитети, толку и дефицитите. Политичките актери мошне често ги маскираат своите гледишта и своите интереси во убави зборови или на луѓето прифатливи симболи. Јавно, тие „емитираат“ лажни симболи, формули и зборови за да влезат во преговори и договори со идеја дека, ако не го кажат искрено она што го сакаат, што им е интерес, ќе успеат да ги надмудрат или измамат другите политички субјекти. Затоа политичкиот дискурс, особено во средините со ниска политичка култура е загаден со големо присуство на еуфемизми и лаги, а пати од хронично отсуство на дијалог.
По целосна политичка комуникација, која, повторувам, ги вклучува сите три страни (власта, медиумите и граѓаните), можно е да се постигне консензус за одредено прашање или проблем. Некоја помалку јавна и недоволно опфатна политичка комуникација може да доведе до создавање на јавна согласност-public consent, но таа е многу понестабилна и привремена состојба.
Хроничниот дефицит на демократски потенцијали и намери во политиката остава трага и на реториката на политичката комуникација. Нејзиниот јазик врие од нејасни и туѓи зборови. Едно од објасненијата е дека политичките „играчи“ сметаат дека така можат себеси да се претстават како попаметни, поумни или помистични. Како помистични изгледаат и недопирливи за обичните граѓани, Со други зборови, ако својата работа ја претстават со неразбирлив јазик, тогаш изгледа како необично стручна, како нешто што обичниот човек никогаш не би можел да ја врши, дури и кога би добил некоја политичка функција.
Валидна, содржинска, квалитетна политичка комуникација се остварува со високо ниво на политичка култура. Нејзиното стекнување е бавен и долготраен процес затоа што се многу фактори „во игра“: од домашно воспитување, социјализација, образование, традиција, но и примери од околината. Со сè послободниот проток на стоки, услуги и идеи расте свеста за тоа дека постои и поинаков политички живот.
Во споредба со Европа и светот, кои се свртени кон отвореност и интеркултуралност, нашата политичка култура е сѐ уште анахронизам.
4. Наши пред станадардите на ЕУ
Познати се стандардите на ЕУ, оние што треба-мораме да ги спроведеме доколку го почитуваме, доколку го третираме како обврска консензусот во однос на нашето европско интегрирање. Тие се мошне високи, „тешки“ и во догледно време недостижни. Сигурно ќе останат недостижни доколку продолжиме да чекориме вака и со „овие“ како со „оние“.
Најнапред за консензусот како почитување и обврска. Ќе укажам на еден парадокс:
Оние од „горните“ одат, шетаат, „работат“ низ светот и постојано им велат на „белосветските“, како да сакаат да ги убедат: во земјава има општ консензус кога се во прашање евроспките интегративни процеси. Се разбира, тие-„белосветските“ не би биле такви кога навреме не би научиле со кого си имаат работа, па одамна им одговараат: „Дотолку полесно за вас“. Притоа мислејќи на нивната работа на тој план, поточно на тежината на нивната обврска тој општ консензус да се исполни.
Уште една забелешка кога станува збор за општиот консензус: ако е општ, тогаш не е јасно зошто е како прва буква, прва декларација во сите програми, платформи, заложби на сите политички партии од позицијата и опозицијата. Логиката вели дека тој треба да претставува појдовна основа (што се подразбира) за конкретни, различни патишта, решенија, активности, работа, за негово целосно обврзно остварување.
Збор-два за ЕУ стандардите и „догледното“ време:
Стандардите на ЕУ се мошне високи и тешки од проста причина што ние како земја и граѓани во однос на членките на ЕУ сме мошне „ниски“ и „лесни“. Со други зборови, ние сме паднати на ниските-најниските гранки на нашето „дрво“ (не европското) и сме лесни како пердуви; та нѐ „дуваат“ кога и како ќе им текне. Ако посакаат, кога ќе посакаат, можат лесно и да нѐ „издуваат“.
Сакам да речам дека нашите „горни“, на кои сме им дале обврска (не право) да го одржуваат, да го негуваат и да го растат нашето „дрво“, нѐ паднаа сите нас освен себеси. За жал и натаму нѐ паѓаат на ниските-најниските гранки. Нѐ направија и нѐ прават „лесни“ како пердуви.
Во спротивно, кога би било поинаку, кога тие најпрво би знаеле за какво „дрво“ станува збор, како треба да се негува за да расте (дека не е „жална врба“ како што го третираат), ЕУ стандардите би биле не лесни, туку многу полесни; не недостижни, туку со време и навреме прифатливи, прифаќани еден по еден, вградувани во нашето севкупно живеење, работење и дејствување.
Што е со нашите стандарди?
„Горните“ ќе ви речат дека тие веќе не можат да „играат“ бидејќи мораме и воведуваме европски. Се разбира, ќе ви признаат и дека немаме, односно во меѓувреме не сме изградиле свои, па тоа ќе го поврзат со немањето систем на вредности.
А всушност станува збор само за едно и за ништо друго: стандардите, кои сите заедно го прават, го создаваат системот на вредностите, не беа пожелни во сиот изминат период и денес. Можеа само да пречат, да создаваат „проблеми“ во процесот на сеопштиот грабеж, мафијаштвото, криминалот, корупцијата, неморалот, малограѓанштината, провинцијализмот, примитивизмот, заробениот ум.
Убеден сум во едно: дефинитивно е јасно дека ЕУ стандардите или приоритетите односно препораките, условите (наречете ги како сакате) за исполнување во догледно време се за нас недостижни, премногу тешки и превисоки. Особено додека на „чело“ се сегашниве „горни“. Затоа што тие ниту знаеле, ниту знаат, ниту сакале, ниту сакаат да постават наши стандарди.
Значи ли тоа дека најнапред се потребни наши? Се разбира! Без дилема! Да ги поставиме како „правила на играта“ и да „играме“ според нив сите до еден, без ниеден исклучок.
Ќе го доречам уште следново:
Можеме од буква до запирка да ги препишеме и да ги усвоиме европските стандарди. Но, од што немаме свои, не сме се научиле, не сме прифатиле и не сме се навикнале да живееме, работиме и дејствуваме „стандардно“-тоа не ни вреди ништо.
5. Од вистина до заблуда
За вистината и заблудата може да се говори од искуствен аспект, но никако не можат и не смеат да се занемарат сознајно-теоретските елаборации и ставови на многумина филозофи и други учени. Речиси нема филозоф или мислител-интелектуалец кој не запрел пред категориите „вистина“ и „заблуда“ и не се обидел да ги проблеамитизра, односно да изгради сопствен систем за нивно осознавање. Оттука, не може да се говори за „колку луѓе, толку вистини“, за „секој со својата вистина“ или „има само една вистина, сѐ друго е лага“.
Еден сосема маргинален преглед на филозофските учења за вистината може да нè упати во вистинската насока:
Вистината претставува еден од темелните филозофски, а особено сознајно-теоретски поими. Нејзиниот третман во одделните теории гради вистински „плурализам на вистини“: позитивизмот вистината ја толкува како кохерентност на еден став со други ставови во рамките на даден систем; прагматизмот ја прифаќа како корисност во практиката; иманентната теорија вистината ја толкува како непосредна сопствена свест за логичната нужност на еден став; теоријата на адеквацијата или теоријата на кореспонденцијата вистината ја дефинира како согласување на мисли и ствари, односно како согласување на исказот и фактот.
Некои од тие теории сугерираат дека секој може да има своја вистина, ако таа се согласува со другите негови верувања или ако нему лично му е непосредно очевидна или корисна во практиката.
Па сепак, одделни теории на вистината различно третираат или истакнуваат некој нејзин елемент, некоја нејзина карактеристика за сметка на друг, друга или други.
Една од најстарите и најраширени е теоријата на адеквацијата, односно теоријата на кореспонденцијата. Која потекнува уште од Аристотел, ја прифатиле средновековни и нововековни филозофи сè до втората половина на 19. век, а има свои приврзаници и денес. Според оваа теорија, ќе повторам, вистината е својство на судот, а се состои во „согласување на мислите и нештата- стварите“, „во согласување на судот со она за што судиме, а што е такво какво што е, без оглед на тоа како ние судиме за тоа“. Постојат повеќе модификации или варијанти на теоријата на кореспонденцијата. Две се доминатни: марксистичката теорија на одразот и семантичката теорија на вистината. Се разбира дека помеѓу современите филозофи има и такви кои целосно ја отфрлаат, почнувајќи од Хегел кој учи дека вистинит е предметот што е стварен, чие реално постоење се согласува со неговиот поим; па преку теоријата на евиденцијата која вистината ја гледа во непосредниот увид, во очевидноста, „евиденцијата“; теоријата на кохеренцијата, која смета дека вистината како интерно својство на мислата не може да им припаѓа на одделни судови земени изолирано, туку само како една смисловна целина, а одделниот суд како дел од кохерентниот состав.
Од тн. „субјективистички“ теории на вистината е посебно интересно сфаќањето на вистината кај прагматистите, како и најновата онтолошка варијанта на „објективистичката“ теорија на вистината кај филозофите на егзистенцијата.
Имено, прагматистите, да потсетам, вистината не ја наоѓаат во меѓусебното согласување на идеите, ниту во нивното согласување со стварноста, туку во нивното согласување со човековите потреби, со нивната практична корисност. „Дали идејата е вистинита или не, тоа се гледа според нејзините последици. Вистината е идејата што „работи“, што во практиката ни донесува плодови“. За филозофите на егзистенцијата, пак, вистината е самото битисување во својата нескриеност.
За субјективната и објективната вистина, односно за апсолутната и релативната во овој контекст нема да понудам посебна елаборација оти тоа би нè одвело на сосема друг колосек-моево промислување да се изроди во некаков филозофски трактат без доволна аргументација. Само уште ќе додадам дека вистината не може да се прифаќа и толкува исклучувајќи го искуството, а еден мошне значаен елемент или сегмент на вистината е слободната човечка креативност.
Помеѓу вистината и заблудата стои лагата. Лагата најчесто се толкува како свесно искажана невистина, намерно извртување на факти. Притоа, се потсетува дека лагата не е исто што и објективно неточното тврдење, односно невистината. Макар што фантазиските лаги се дел од оние неточни судови кај кои не постои субјективна намера на заведување.
Воопшто земено, лагата е „тврдење спротивно на вистината, а се изнесува со намера друг да се доведе во заблуда“. Се работи пред сѐ за за морален престап за кој говори уште Августин:
„Според неговото внатрешно уверување, а не според точноста или неточноста на самата ствар, мора да се суди дали некој лаже или не…Вината на лажливецот се состои во намерата со својот исказ да измамува“.
Го подлвекувам и посебното значење на терминот „лага“ кога означува појави што се противат на вистинските културни вредности и прогресивните стремежи на заедницата: општествената, политичката, уметничката, книжевната лага итн.
Што се однесува на заблудата, таа во своето поимно значење претставува погрешно мислење, оценка, суд или постапка- доколку се тие ненамерни; или од критички аспект се толкува како непромислена и наивна постапка. Енциклопедиската единица за заблудата наведува, исто така, дека таа најчесто настанува кога фактите се толкуваат врз основа на неосновани, слепо прифатени или самоволно избрани претпоставки, односно предрасуди.
Во граѓанското право заблудата се толкува најнапред како правна категорија во однос на кривичната одговорност, во однос на вредноста на правните работи. Па се разликуваат стварни и правни заблуди.
Вистината страда во немирните, особено во воените времиња. За да се остварат нечии цели, таа треба да се релативизира, дезавуира, обезвредни. Секој добива право на сопствена вистина во името на лагата и заблудата. И не се почнува веднаш со нејзиното бришење, уништување. Прво како контрапункт се наметнува полувистината за да го освои просторот за настап на лагата.
Без вистината човекот е изгубен, дезориентиран и, благодарение на лагите што постојано му ја напаѓаат свеста, се доведува во заблуда. Го вреднува и оправдува дури и она што како однесување и дејствување претставува чиста деструкција.
Кога интелектуалецот ќе им подлегне на лагите, кога ќе се доведе во заблуда, всушност му подлегнува на провинцијализмот кој веќе, со право или не, ѝ се прилепи на нашата интелигенција (секоја чест на исклучоците). Едноставно затоа што вистината, без оглед како кој ја сфаќа и прифаќа, ја релативизираат и негираат луѓе со ограничен дух, манипулатори, квазиинтелектуалци, оние кои власта ја разбираат како единствена можност за себедокажување и замозадоволување. Во демократските општества ова особено се потврдува во предизборни и изборни периоди, кога наспроти вистината заблудувањето на масите, на народот-гласачкото тело е мошне ефикасен инструмент-средство за освојување власт-позиција. Тоа-заблудувањето најлесно се остварува со ветувања кои никогаш не биле, не се, ниту некогаш ќе бидат обврзувачки. Кога би биле тоа, тогаш не би биле ветувања, туку обврски, „даден збор“, кои, меѓу другото, ги содржат чесноста и искреноста. Прашање што се наметнува само по себе: колку нив ги препознаваме во настапите на кандидатите за позиции во власта, за освојување на власта?
Барајте ја секогаш вистината за да ја оправдате сопствената егзистенција во модерниот, културен и цивилизациски свет. Во името на вашата и нашата иднина.