Потребно време за читање: 10 минути

X

Нужно е да се повторува почесто дека Гласномисленикот Дамјан од Истин е мошне ценета, авторитетна личност, а неговите промислувања и гледишта изнесени во колумните секогаш предизвикуваат реакции, коментари, па и расправи. Тоа значи и не мало влијание, особено во политичките кругови, што значи дека политиката му е доминантна. Во тој контекст е особено интересно што круговите не се ни обидуваат да го привлечат на своја страна. Радо би, но им е совршено јасно дека не можат со него. Залуден им е каков било обид барем во нешто да се најдат „на иста линија“. Да, Дамјан е колумнист кој одамна ги докажал слободоумноста, независноста, неутралноста и личниот интегритет.

Нешто што го изделува од другите колумнисти, аналитичари и експерти: своевиден, оригинален дискурс. Едноставен, со широки и темелни познавања на проблематиката која ја третира; напати ироничен, напати зајадлив, напати контекстуално полемичен.

Се памети една негова полемика со политичкиот лидер на Партијата на сегашноста и иднината, Атанас Митрески. Која потоа тој ја пренесе во една своја колумна „за иднината како минато“:

„Дамјан:

-Јасна е идеолошката матрица на твојата партија, но таа нема никаква перспектива штом го изоставувате минатото. Белки ти и твоите сопартијци знаете дека без минато не се можни ни сегашноста ни иднината. Станува збор за континуитет на постоењето.

Атанас:

-Тоа се подразбира. Особено ако се има предвид дека минатото е продолжение на сегашноста и темел на иднината. Не го намалуваме неговото значење, но акцентот го ставаме на реалниот, сегашниот живот како почеток на идниот. Имај ги предвид нашата програма и развојната стратегија.

Дамјан:

-Значи, сепак предност им давате на сегашноста и иднината, а минатото ви е помалку значајно. Во кое се корените на личниот и колективните идентитети. Особено ако е тоа длабоко, исконско. Токму затоа негирано и крадено. Минатото е и буквално вчера…

Атанас:

-Живееме сега и овде. Дури живееме. Нашево совремие е брзо, динамично, менливо. Со голема, за некои од постарите генерации дури незамислива брзина. Не се живее во минато…

Дамјан:

-Се живее со него…Вашата партија нема никаква перспектива. Никогаш нема ни да партиципирате во власта, а камо ли да ја освоите…Нејсе. За мене лично твојата партија е по дифолт маргинална и ќе користи само за поединечни политикантски амбиции“.  

Од колумните (поентите)    
на Дамјан од Истин      

1. Критериум и дело

Вреднувањето на еден културен настан или уметничко дело претпоставува изграден однос кон него, осознавање на неговите вредности, разградување и валоризација на неговата структура, воспримање и дијалог со неговиот говор, формата и содржината. Тоа се потврдува себеси во времето во кое настанува и се продолжува во нечие друго.

Дијалогот со едно дело, со уметничка творба е пред сѐ личен, но тој ги содржи и веќе утврдените норми, сознанија и согледби. Со други зборови, тоа значи дека тој е невозможен доколку се нема претходна подготвеност за таквиот, во теоријата на естетиката веќе дефиниран творечки однос. Во кој особено инстистира структуралната анализа на едно конкретно дело.

Критериумот за вредноста се гради и создава. Тој не е еднаш засекогаш даден, утврден, туку постојано се возобновува, се надградува себеси. А се гради, надградува и создава во развиените културни средини, во одделните сфери на културата и уметноста.

Едно книжевно остварување не може да се толкува и вреднува ако тој-критериумот не кореспондира со современите текови на литературата. Особено ако во него се откриваат, истражуваат и освојуваат нови простори на духот, на творечкото себедокажување. Во спротивно, тоа не може да се „прочита“, да се прими. Уште помалку да се вреднува. И останува на маргините на впечатокот, импресијата, чувството. Секоја случајна средба со него таквиот, неподготвен, поточно некомпетентен читател го остава рамнодушен.

Се организираат бројни културни манифестации, речиси секојдневно се промовираат нови дела од современи автори. Од друга страна, немаме доволно критика, конкретно критички прилози кои соодветно ќе ги валоризираат, односно ќе наметнуваат, ќе афирмираат повисоки критериуми за нивно воспримање. Па сѐ се сведува на маргинално бележење на нивното одржување и пројавување. Многу од нив остануваат и премолчени, без никаков ефект.

Градењето критичка свест и критериум за вредното е долга, макотрпна работа. Тоа не е и не може да биде индивидуален, туку поширок општествен интерес. Тоа е дел од една осмислена и конзистентна културна политика и стратегија. Која очевидно ниту ја имаме, ниту се обидуваме да ја воспоставиме и надградуваме.

Во една ваква ситуација во најнеповолна позиција е авторот-творецот. Тој останува сам со своето дело, затворен во сопствениот свет, со личните сомнежи и премрежја или во сопственото самозадоволство.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XX, роман

Не читаме книги, не ги следиме културните настани, не присуствуваме на концерти, изложби, театарски изведби, заостануваме во сопствената културна надградба. А се знае, одамна е речено и потврдено:

Само културниот човек не е ограничен и само со него не може да се манипулира.

2. Квазилидерство

За квазилидерството „како такво“, посебно во македонското политичко милје сум пишувал. а се разбира дека и натаму ќе пишувам секогаш кога ќе имам конкретен повод (неисцрпна тема). Како сега.

Имено, дефинитивно е јасно и крајно „експлицитно“ потврдено дека главниот (можеби и единствен) проблем на една партија е нејзиното најтесно раководство, а пред сѐ лидерот. Тој неретко ниту „личи“ на лидер, ниту се однесува, може е поточно да се рече се контролира како таков. Особено во настапите пред јавноста. Мислам на „застанувањата“ или „местењата“ пред микрофоните и камерите на електронските медиуми и изјавите за што било, а всушност за „единствено нешто.

Еден мошне „илустративен“ пример на народната „Гладна кокошка просо сонува“ се критичните одлуки директно и индиректно поврзани со судбината на државата и народот. Изјава на „лидер“ на една од „главните“ партии:

„Како партија која е загрижена за националните и државните интереси, сметаме дека е потребно Владата итно да направи консултации со другите партии за да обезбедиме став по прашање за кое и во минатото сме биле обединети…Сега е моментот кога политичарите не смеат да калкулираат. Политичарите треба да се однесуваат соодветно на приликата, да се однесуваат одговорно, да се однесуваат мудро и да се трудат да градат единство“.

Она што не го цитирам оти се „подразбира“ следи по цитираното: осуда на калкулантството и (не)одговорноста на лидерите на другите „главни“ партии, како и нивната „двојна игра“-на јавноста ѝ соопштуваат дека не се откажува од досегашните „цврсти ставови“, а од друга страна повикуваат на обединување; кој е, нели, многу опасен за Македонија и македонскиот народ. Притоа, се нагласува дека е „лицемернио“ да се искажува загриженост за националните и државните интереси и консултации со другите партии.

Прво прашање: кого дотгочниот „лидер“ советува за однесување на политичарите „соодветно на приликите“, тие да бидат „одговорни, мудри и да се трудат да градат единство“? Дали се советува и себеси? Не е ли „посоодветно“ во тоа да внесе и „ние“, поконкретно „и јас“?

А човек, лидер или „обичен“ сеедно, го смета за единствено валиден следниот експертски став кога е збор за националните и државните интереси:

Секој политички лидер не може, ниту смее да одлучува за прашања од витално значење за државата; за нејзиниот опстанок и за опстанокот на македонската нација. За нив референдумот е единствено легитимно средство.

3. Како да се биде позитивен?

Што значи да се биде позитивен? Одговарам веднаш: не значи ништо друго, освен да се биде реален, објективен, независен. Едноставно, оној што не е таков и да сака не може да биде сето тоа. Најпрвин поради тоа што е „врзан“. Најдете таков-„врзан“ и позитивен, па веднаш ќе се негирам себеси, ќе признаам дека сум грешен и затоа грешно одговорив.

Некој може да се посомнева во моето тврдење дека реалниот, објективниот, независниот е „нормално“ позитивен, но тој и таквиот треба да знае дека и сомничавите се позитивни. Да бидам поконкретен? Важи:

Реалниот, објективниот, независниот е едновремено позитивен затоа што ниту со преголем, нереален оптимизам, ниту со песимизам гледа на нештата, состојбите и проблемите со кои се соочува и го соочуваат. Точно знае, одамна го лоцирал „проблемот“, поточно оној што (му) ги прави нештата, состојбите и проблемите. Одамна му е познат, па кога ќе дојде време брзо ќе го реши, односно ќе се реши од него. Кога-тогаш, што е апсолутно оптимистичка констатација.

Од друга страна, бидејќи го знае „проблематичниот“, одамна го препознал, многу му е полесно отколку на „оние другите“, што е уште една позитивна состојба на духот и/ или телото. Во тој контекст, особено се позитивни објективните односно неззависните односно неутралните. За што, инаку, мораш да се избориш, а потоа да се бориш да се одржиш како таков. Зашто вреди. Зашто заа таа и таква жестока, „крвава“ борба во нашево партизирано и финансиско-олигархиско општество е потребна огромна позитивна енергија.

За сомничавите реков дека се, исто така, позитивни. Не знам колку ви е познато, ама јас добро знам дека сомнежот во филозофско-психолошка, а особено во творечка смисла е поттикнувачка категорија. Прашајте кој било творецот и гарант ќе ви одговори:

„Во ова наше транзиционо, максимално политизирано и максимално нетворечко време, само сомнежот дали го создадов или го создавам вистинското ме тера и натаму да бидам творец, да продолжам да создавам без оглед на сѐ“.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), III, роман

Да бидам и натаму позитивен и да прашам, а потоа да (си) дадам дефинитвен одговор:

Дали знаете кои се најпозитивните граѓани во Република Македонија? Одговарам:

Сиромашните! Меѓу другото затоа што сиромаштијата не (си) ја третираат според етнички критериуми.

Медицински потврдено со меѓународна студија:

Оние што немаат позитивни емоции се во поголем ризик од срцеви болести (инфаркт и ангина пекторис), отколку оние што ги имаат. Ризикот е поголем и кај испитаниците со умерено позитивни чувства. Тоа значи дека срцевите болести можат да се спречат со јакнење на позитивните емоции, а добродушните карактери подобро се опоравуваат од стрес и имаат поцврст сон. „Маѓепсаниот круг“ помеѓу срцевите болести и големата депресија им го н„препуштам“ на кардиолозите и психијатрите.

Ја знаете ли најпозитивната народна изрека, можеби поточно најпозитивниот слоган на македонскиот позитивиец? Не ќе е лошо да го запомните:

„Добро е, има и бетер”.

4. Бизнис клима

Конечно не се покажа или откри, туку само се потврди дека Македонија, ваква каква што е, не е и не може да биде продадена на странскиот пазар како „успешна приказна“. Продавањето без наводници продавањето заштго е или завршено или е при крај од страна на „раководните“ политичари; неуспешно за граѓаните на ова парче земја. Оние, пак, што во сиот изминат период се обидуваа и имаа успех во замајувањето на народот веќе не можат да се кријат зад „приказната“. Од проста причина што не се вешти во „раскажувањето“.

Неуспехот е најтежок во три клучни сегменти кои во суштина дефинираат една земја како унитарна, независна и модерна, со реални шанси во скорешна иднина да стане и европска (за членство уште долго ќе се измислуваат приказни кои измислувачите не ќе можат успешно да им ги раскажуваат ниту на големи деца): безбедноста, политичко-правната стабилност и функционалност, и економски раст и развој. Во сите три наведени клучни сегменти се „постигнати“ катастрофални резултати. Само наивните (политичките трабанти) и „слепите“ можат да го тврдат спротивното.

На безбедносен план имаме секојдневен криминал и корупција на кои не може (не смее) ниту „влакно“ да им падне од глава, по цена и на улични „рафално-гангстерски“ судири среде бел ден. А секојдневно ја „докомплицираат“ врвовите на полит-бизнис олигархијата.

На политички план земјата е практично „паразитизирана“ со „политичкиот дијалог“, односно со посредното и маргинално учество на опозицијата.

Во пврска со очитичко-правната стабилност и функционалност само ќе посочам на секому познатата оценка за судската власт-дека довербата во неа е „крајно негативна и загрижувачка’, а владее криминалнио-коруптивна „епидемија“.

Што се однесува на економијата, власта постојано се теши себеси и се обидува да ги утеши „народниот маси“ со народната: „Кај да е, ќе ни тргне“. Е, па збор-два од мене за „тргнатото“:

Најнегативните оценки на „меѓународниот фактор“ во континуитет, што значи со години се однесуваат на два од неколкуте економски столба: „нормалното“ (јас велам чесно) деловно работење и инвестициите. Од првото само понекој „срамежлив збор“. Едно логично, малку „завиено“, всушност многу конкретно прашање во овој контекст:

Кога и како е можно еден „октопод“ да се претвори во „пирамида“, па потоа по неа да се удри со „снимени бомби“?

Посебен акцент ставам на бизнис климата која, според власта, се создава „интензивно“. Нема да елаборирам опширно и аналитички, туку само ќе ги потсетам оние што ја „создаваат“, но тоа некако тешко им оди:

Ако во некоја земја не постои бизнис клима, не може да постои ниту бизнис. Тогаш што постои? Постои она што постои кај нас: олигархија, полит-бизнисменски кругови и кругчиња, целосна зависност (партиска и друга), пирамиди, облакодери, бункери и (не)тендерски „швајцарски сирења“, димни и секакви други „бомби“…„

Обратно пропорционално“: за да постои бизнис, треба да има (не да се создава) бизнис клима која постојано ќе се подобрува, надградува.

Има ли во Македонија бизнис клима?

На оние што не разбираат што е тоа бизнис клима (или не сакаат да разберат оти разбирањето им ги мати сметките) очигледно треба да им „преведеме“:

Дами и Господа од политичко-финансиската олигархија (или мафија, сеедно), станува збор за правила на игра. Во која акцентот се става на правилата, а не на играта. Кога сите играат според утврдени правила, судијата на теренот не се ни забележува доколку ги применува доследно, непристрасно, непресметливо.

Има и трето што се однесува еднакво на бизнис климата во „создавање“ и правилата на игра: систем на вредности.

5. Суштината на демократијата

Се разбира, целта на овој прилог не е „темелно“ едукативна или да потсети на основните сознанија и знаења за демократијата воопшто. Ниту нејзината суштина да произлезе од развојниот, историскиот конткекст. Напротив, имајќи ги предвид општопознатите сознанија и знаења за демократијата воопшто, а особено нејзиното практикување, сакам да укажам на некои пред сѐ намерни недоследности поради кои ги имаме овие и вакви состојби и последици на индивидуален и колективен.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), II, роман

Сепак, мислам дека е нужно, поради меѓусебно разбирање, да потсетам на нив-општопознатите, меѓу другото и како можност и основа за евентуална натамошна стручна-експертска, компетентна елаборација.

Суштината на демократијата (од грчките демос-народ и кратео-владеам) е владеење на народот. Нагласувам на, а не со или во име, а најмалку за (на) сметка на народот.

Веднаш се поставува прашањето дали е тоа можно, а потоа и како. Притоа, треба да се има предвид историската „периодичност“ на демократијата. На пример, и грчката демократија била владеење на народот, но од неа биле исклучени сите робови. За подоцнежните да не зборуваме, сите „некого“ исклучиле-исклучуваат. Класичната буржоаска-капиталистичка (и сегашната-„современата“, „модерната“) се темели на власта на народот, но без работничката класа (да го оставиме настрана марксизмот). Во парламентарниот систем тоа не е директно владеење, туку изјаснување за одделни странки односно партии на кои тој-народот „им дава” да владеат за него (не со него!).

Основното, суштинското (на што особено (ќе) инсистирам во овој прилог) е: дека демократијата е власт или политичка институција на владеење на одредена групација, партија, класа. Нагласувам: и теоретски и практично суштината на демократијата е власт-владеење.

Меѓутоа, токму како дел од таа суштина кај нас се одбегнува или намерно се подзаборава на еден мошне важен, би рекол најважен „елемент“: одговорно владеење-одговорност во, поточно при владеењето. Затоа што одговорноста (свеста, особено самосвеста е дел од нејзината „содржина“) произлегува од владението односно владеењето (па и со сопствениот збор и молк).

Најчесто и оние што владеат и оние со кои се владее демократијата ја мерат и, како резултат, ја изедначуваат со слободата, слободоумноста, еднаквоста, рамноправноста, правдата, правичноста, приватноста, изборот (во сѐ, воопшто во просторно-временскиот квалитет на живеење), како и со сѐ друго од корпусот на фундаменталните човекови права. Се разбира, тие на еден или на друг, непосреден или посреден начин се инкорпорирани во неа, се подразбираат, но не се тоа.

Лично мислам дека токму во таквиот начин на третирање на демократијата, на таквото „равенство“ најмногу грешиме и свесно и несвесно. А од тоа, пак, произлегуваат низа последици кои ја деструираат нашата стварност, ја проблематизираат сушноста на нашата егзистенција.

Од сите типови на демократија ја акцептирам нашава, која можеме да ја дефинираме како „парламентарна демократија од модерен тип“ (за разлика од „класичната“). Звучи малку иронично таквото дефинирање, но по нејзиниот разглед во „кроки потези“ сигурен сум дека нема само да ни „звучи“, туку многу повеќе ќе ни „излезе пред очи“ токму таква: карикирана-карикатурална, извртена. Можеби најпрецизно ќе биде да ја наречеме „недемократска демократија“.

Но, уште еднаш, сега многу конкретно за суштината на нашата демократија (има и „ненаша“ која допрва, којзнае кога, треба да ја „понашиме“):

Демократијата како владеење на народот е пред сѐ еднаквост во правата и обврските-одговорностите, еднаквост пред законот-пред законите, еднаквост во државата (како сервис на народот).

Претходново не е дефиниција, моја или на некој теоретичар или „практичар“ на демократијата, иако немам ништо против ако се прифати како таква. Во контекстов таа е една позиција (може и појдовна) за да укажам на нешто што е апсолутно неприфатливо, а поради што многумина тврдат дека во нашава држава ниту имало, ниту има демократија.

Станува збор за владеење со народот (со државата). Значи „некој“ (претпоставувате кој) не го брани, не го заштитува народот, не владее заедно со него, туку го владее. И тоа баш како потврда на освоени, изборени слобода, слободоумност, еднаквост, рамноправност, правда, правичност, приватност, избор (во сѐ воопшто, во просторно-временскиот квалитет на живеење), и во името на сѐ друго од корпусот на фундаменталните човекови права. А всушност е показ и доказ на примитивизмот, на ниското ниво на култура и очовеченост, на заробениот ум, на изгубен (заборавен) идентитет, на политичка малограѓанштина и медиокритетство.

Во прилог на искажаниот став, од многуте, недоброј прашања без одговор на крајот поставувам само едно:

Ако Република Македонија е демократска држава, ако сите граѓани во неа се еднакви во правата и обврските-одговорностите, еднакви пред законот-пред законите, зошто не е спорна оценката на „меѓународниот фактор“ дека не функционира правната држава на целата територија на Македонија? Зошто се инсистира на независно судство, негова департизација (и на другите сегменти од животот), односно зошто се нужни итни и брзи реформи? Нели во името на демократијата? Оти ја немаме? Или ја имаме, ама не е „баш тоа“?