ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 41

Потребно време за читање: < 1 минута

41. Отворено

На секое отворање му претходи почеток, но не значи дека ќе дојде до крај. Некогаш, може и никогаш; по отворање секогаш отворено. До смрт? Нема смрт! Таа со крај, како крај на отворачот или создавачот. Или затоа што првиот не мора да е втор, а вториот може да е прв како создател. Значи, кога е збор за отвореноста таа најмногу зависи од отворачот, создавачот или создателот. Може тројцата еден? Само ако има смрт со крај, како крај.

Отворено како почеток и продолжение без крај. Во него е и мачнина и леснина. Гледајќи и следејќи едно семе фрлено од небо, од птица во лет кон изгрејсонце.

Едно семе фрлено на плодна земја со мачнина и леснина ја прифати земјата, средината сосе климата, брзо навлезе во неа. Па по извесно свое време изрти, излезе на виделина или во ведра, благопријатна, животворна месечева и ѕвездена ноќ. Заживеа. Потоа не му требаше многу време да подрасне право како фидан сè повисоко, да се извишува кон свој небосклон. Брзо научи да ја живее смислата и полнотата на својот живот, истовремено постојано продолжувајќи ги. Сè до плод со негово и свое, самостојно семе. Кое секако ќе умре ако не се фрли во плодна земја или да биде фрлено на неа, во неа од небо, од птица во лет кон изгрејсонце. Што никогаш не го дозволува ни создавач ни создател на живот.

Отворено како почеток и продолжение без крај едно дело на творец. Тоа и тоа во друго. Како дел од неговото целокупно творештво.