Потребно време за читање: < 1 минута

19. Разбирање

Јас и ти се разбираме, и тоа ни е мошне важно. Ако не и најважно во нашево заедништво. Тоа е сосема разбирливо, со оглед дека разбирањето го сметаме за суштина на заедништвото меѓу луѓе кои се заедно. Затоа што се разбираме, ние заедно опстануваме во овој колку разбирлив, исто толку, ако не и повеќе неразбирлив свет.

Најчесто си докажуваме нешта и се докажуваме себеси со „Се разбира“. Се разбира дека ние двајцата можеме поинаку. Но, се разбира дека не сакаме зашто сакаме да сме што сме биле и што сме. Се разбира дека не стоиме во место предолго. Поточно речено, не си дозволуваме да стоиме. Знаеме дека, ако стоиме предолго, може да се случи повеќе да немаме ни сила ни волја за следен чекор. Што, пак, се разбира дека значи наш конечен крај. И се разбира дека и јас и ти знаеме каква е судбината на секој што стои предолго во место. Се разбира, и ние, како мнозина исти или слични како нас, неа ја именуваме со скаменување во пустина.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 27

Нашето меѓусебно разбирање нè движи напред, нè поттикнува кон потфати, акции, дејствија, созданија и создавања. Се разбираме и кога одвреме-навреме зборуваме за различни нешта на различни јазици. Всушност, кога посакуваме не да не се разбираме, туку на свој, автентичен, единствен начин да го изразиме токму нашето разбирање. Ги имаме предвид нашите творења: моето сликање на апстрактна конкретност и нејзиното поетизирање на зборови во игра. Токму благодарение на разбирањето, неретко се случува соживување на нашите чувства и, што е сосем разбирливо, наше заедничко живеење.

Јас и ти го разбираме светот како рамнотежа помеѓу живата природа и живиот живот.