fbpx

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 21

21. Години на дрво

Никој не му го знае бројот на годините на дрвово што живее веќе којзнае колку века. А секој што не му е пријател, не се грижи за неговото здравје, кому не му треба, кој може без него, кому му е сеедно што може допрва да му се случи, кому дури му пречи поради што-годе, кој дури посакува да го нема, би можел лесно да дознае: ако го пресече што поблизу до поврвнината на земјата околу него, што поблизу до неговиот корен. Имено, со пресекување ќе излезат на виделина неговите годови, па лесно ќе може да се избројат. Но зошто тоа и за што? Поважно од сè: што со тоа потоа и за што може да користат неговите години?

Едни се на мислење дека годините на дрвото имаат тесни врски со постоењето на човекот или луѓето околу него и во негова близина. Притоа нагласувајќи дека се поважни неговите корења, одошто стеблото и крошната. Зашто, како на сè живо на поврвнината на земјата, така и на дрвото како дрво најмногу од животот, и минат и сегашен и иден, му е собран во нив. Со други зборови, тој од него почнува, со него продолжува и по него ќе продолжи постојано обновувајќи се.

Прочитај и за ... >>  Умора

Тоа значи дека за да му се откријат годините треба во корењата да се исече или да се откорне? Се разбира не. Кому и што би му значеле неговите години по негова насилна смрт?

Според други, воопшто нема потреба да се сече дрвото за да се избројат неговите годови. Постојат техника и технологија со кои лесно може да се продре до неговата срцевина, од неа да се земе клетка, па во неа да му се избројат годините.

Но, пак се наметнува прашањето: зошто тоа, за што и што потоа со нив? Зарем за што било не е доволно непобитното, и со голо око докажливото дека дрвото е мошне старо, живее којзнае колку века, а за човекот или луѓето околу него и во негова близина е добро да живее уште долго?

Сè уште никој не се сетил да ги праша токму човекот или луѓето околу него и во негова близина колку се длабоко испреплетени годините на дрвото и нивниот опстанок.

Прочитај и за ... >>  Додавка на пролегомената за доброто, со нагласка на добрината

Знам што би одговориле кога би биле прашани: важни им се не годините, туку корењата; колку се тие раширени и дали од нив изртуваат здрави никулци.      

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено било какво преземање на делови или цели содржини, ниту во оригинал ниту како извор и преработка за други содржини, без одобрение на авторот и/или издавачот (сопственикот) на овој портал. За секоја злоупотреба-непочитување и злоупотреба на правата, издаваме фактура со задолжителна финансиска обврска.
За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.