Потребно време за читање: < 1 минута

7. Грми и сека

Не се памети вакво невреме. Грми и сека на сите страни, и на небо и на земја. Како да се договориле живи на небо и мртви во земја светот да го доведат на својот крај без почеток во друг. Грми и сека на сите страни со денови и ноќи, небаре некои невидливи сили решиле да уништат живот во семе, за нов род да не се роди. Барем за миг меѓу два модри облака да се пробие сончев, месечев или ѕвезден зрак. Барем за миг да навали некое ветриште што ќе ги раздели, што ќе ги натера да се истурат поројно, дури сè да преплават, и така да издишат.

Ништо не навестува дека грмењево и секањево скоро ќе престане.

Што можам јас, единствен преживеан, единствен уште некако жив да сторам, освен да влезам во некоја пештера или во корен на старо а уште здраво дрво и да чекам не знам што? Но зарем некоја екотна секавица не може да удри, та и јас ко последен жив да угинам? Та ни коска да не остане од мене што ќе сведочи дека некогаш сум бил!

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 19

Решавам да пркосам. Како? Исто. Со грмење и секање. Може? Зошто да не може?! Ќе грмам и ќе секам на моја страна, не на сите, и на небо, не на земја. На моја страна што успевам да ја дочувам како моја, на небо бидејќи уште имам ведрина и надеж во срцето и мислата, а на кои модри облаци, грмежи и секавици не можат ни да им се доближат ни што-годе да им сторат.

Ако не успеам со грмење и секање да го запрам грмењево и секањево до нова животворна сончевина, барем ќе ми биде самоутешение дека сум пркосел.