Потребно време за читање: < 1 минута

24. Незапирливо

Ако е уште жив човекот што го знам од многу одамна, со кого одамна се немам сретнато, верувам дека сè уште чекори незапирливо кон ново изгрејсонце. И тоа без да запре макар за миг по некое зајдисонце. Помеѓу нив, пак, истражува, дознава, открива, сознава, промислува и создава. Најважно меѓу нив му е создавањето, поточно неговиот творечки дух. Одморање од сето тоа? Само во спокоен сон што му иде кога едновремено завршува едно, а почнува свое ново дело.

Самиот ми има речено многупати дека токму благодарение на незапирливото чекорење лесно го носи на плеќи товарот на годините. Не ми кажал колку е тој тежок, од колку години му е насобран, но неговото ведро лице секогаш ме уверуваше дека тие не му значат ништо. „Сум заборавил колку се на број“, знаеше да ми одговори со широка насмевка. Еднаш му противреков: „Јас мислам дека товар на годините ти е лесен не поради нивниот број, ами затоа што незапирливо чекориш кон ново изгрејсонце без запир по зајдисонце“. „Мислиш?“, ме праша. „Мислам“, му одговорив. Само одмавна со рака и си го продолжи чекорот.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 35

Не знам како да дознаам, а немам ни кого да прашам што се случува со човекот. Дури ни дали е уште жив. Ако е, пак, умрен, би сакал да му појдам на гробот и да му кажам дека и мене, како нему, секое изгрејсонце ми е ново.