32. Нит им се учи, нит` им се работи
Има такви денови и ноќи кога на Буле, Куле и другите смоковци и смоковки нит` им се зема книга в раце, да научат или бар да набубаат нешто, нит` им се работи што било, без врска, нешто корисно или бескорисно. Што прават тогаш? Никому ништо!
Се збираат негде или кај некого дома и ги пуштаат мозоците на паша. Дремат, молчат, тотално се опуштени. Здодевно им е? Не! Никако! Кога на Буле, Куле и другите смоковци и смоковки нит`им се учи, нит` им се работи, тогаш се релаксираат. Како? Секако, ама буквално. Значи, дибидус се смирени и немаат гајле за ништо. Некогаш им текнува да запеат изворна народна, турбофолкот им оди на нерви, некогаш тераат караоке со некоја балада, популарно попче или рокче, некогаш и рипаат и скокаат фатени на оро. Некои сакаат, ама никако не можат да го научат пајдушкото. Ретко им се случува, ама им се случува да фатат групно некој ритам, да се клатат со кренати раце и да се виткаат на половините, баш како дрвја со крошни на ветер.
Кога се збираат кај некого дома ги пуштаат мозоците на паша најчесто со упразнување на мобиљството, како што милува да се изрази Буле. Просто: ги земаат мобилните телефони в раце и собрани, едни до други и едни карши други комуницираат; си испраќаат едни на други СМС зезанции, смајлчиња, емотикони, гифови и налепници. Тоа им иде како непосредно-посредно дружење. Да, во последно време сè почесто се занесуваат со некоја видеоигра, демек како интеракција.
На нивните татичиња и мамичиња ич не им се допаѓа кога на нивните тинејџери, адолесценти односно пубертетлии нит` им се учи, нит` им се работи. Дури си удираат секирација на душа и срце, па пробаат да им ја променат таквата крајно бесперспективна состојба. Или не им успева или делумно им успева со судни маки.
На Буле, Куле и другите смоковци и смоковки најмногу им се бендисува трудењето на нивните татичиња и мамичиња да ги активираат ставајќи ги на перспективен колосек со мошне конструктивен, прогресивен, ептен перспективен поглед на нивното тинејџерство односно адолесцентство односно пубертетлиство. И тоа визави или врзано за мобиљството. А пред сè на компјутертството во корелација со сурфањето на Интернет. Просто им се придружуваат, стануваат дел од збиранката, и просто не можат да се препознаат како нивни татичиња и мамичиња.
Сурфаат заедно на Интернет едукативно. Како? Просто: на Буле, Куле и другите смоковци и смоковки им смислуваат награден квиз, наградата е обично некоја симболична пара, на пример за влезница во диско, забава во ноќен тинејџерски клуб, седенка во кафуле, концерт, спортски натпревар, или како прва награда на пример играчка конзола.
Тие им поставуваат прашања од општа култура или од некој наставен предмет, а тие ако не знаат одговорите ги бараат на Интернет. Добива награда оној што ќе одговори точно на најмногу прашања или ќе биде најбрз. Нивниот штос е да им ги искомплицираат прашањата за да не им биде баш лесно сурфањето. Толку просто, што да не може да биде попросто.
Ама татичињата и мамичињата признаваат дека им е сè потешко да ги откачат од нит` им се учи, нит` им се работи. На Буле, Куле и другите смоковци и смоковки, пак, во таквата психофизичка состојба се најдуваат сè почесто. Дури станува загрижувачко.
Нешто мора под итно да преземат и едните и другите. Зашто крајот на учебната година не е баш близу, па може мошне дискутабилно да им влијае на оценките.