ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 47

Потребно време за читање: 4 минути

47. Калакурница

Здраво-живо народецу мој,

Ако јас и ти заедно ги промислиме собитијата, амбиенто, скроеното и шо уште ни го кројат за скоро да ни го сошијат, па да си го носиме дури не го парталосаме, гарант ќе дојдиме до заклучоко дека сме во голема калакурница. И ние и државичкава на издишуање! Дали да спомнам оти калакурница је исто шо и хаос, метеж? Ете спомнав. Некој не се согласуа, не ми го прифаќа и не ни го прифаќа овој заклучок? Нема проблем, ќе се детализирам во мое и во твое име во продолжение, ама калакурницава је на очиглед сегде и во сè. А шо се однесуа на државичкава, ја мислам оти откога сами си ја натуривме ко божем да ни ја натурија географската одредница „северџганска“ ред је и името „Македонија“ да го смениме со „калакурница“. Или во целина да се вика: Северџганска калакурница. Оти је баш то и нема апсолутно никаква врска со наша Македонија. Ама ај да се детализирам.

Мене лично најголем проблем во промислуањето ми правеше, признавам оти уште ми прај разликуањето на намерна, смислена или обмислена, шо значи организирана калакурница и калакурница шо се случуа спонтано, па и ненадејно, та според таквата нејна природа не трај долго односно можи брзо да се надмини. Заошто ми прај проблем? Просто поради зато шо калакурница је калакурница, а сите во неа се викаат калакурничани. Е, ама има едни на кои на таквото викање треба да им се додај и курнази али споено-калакурнази. И што се случува? Се случува то шо просто не можи да не се случи: судир меѓу калакурничаните и калакурназите. После, откога ќе се испосудираат на сцената, преди сè и нади сè на политичко-државничката, остануаат саде едните али другите. Ако останат едните калакурницата ќе ја напраат пак калакурница, само можи на повисоко ниво, а ако останат другите калакурницата ќе ја напраат баш калакурназчка. Нели и вам ова ви прај најголем проблем во промислуањето?

Да ви кажам прао, луѓе, мене ми стануа сеедно дали је калакурницава на калакурничани али на калакурнази! Прибидејќи живото ми је и ни је права калакурница. Во која чоек не можи ни да диши, а камо ли да живеј нормално и да остани нормален чоек! Во контексто на тоа дереџе ставам уште едно нешто шо никако не ми иди во умо: можи ли држава да биди држава ако је калакурница? Не ми је проблемо одговоро, јасно је оти не можи, ами проблемо ми је до кога една калакурница ќе ја третираме ко држава. То ви је исто како кога ќе речите државата не је правна али не је функционална. Како можи таква да се нарекуа држава?! Да ми беше жива мојата мила и никоаш непрежалена Громојца, Бог да ја прости, сега гарант ќе ми удреше ваква критика:  „Море Громче мој, шо си го тормозиш мозоко со едно нешто шо нема ни блага ни кисела врска со друго нешто?“. Сум рекол досега оти мојта н икоаш непрежалена Громојца беше многу умна жена? И ако не сум рекол, ти народецу мој си знајш оти беше таква прибидејќи со мене како ваков дедо Громче не би можела ни двајсе и четири часа, ма ни час, ма ни минута да живеј инаква. И да ви кажам, луѓе мои, таквата критика би ѝ била сосема наместо и нормално ја би ја прифатил без приговор, поговор и одговор. Стварно, шо сега си го тормозам мозоко со државава ко ваква, ко онаква, кога северџганскава калакурница нема ни блага ни кисела врска со држава? Зато во два-три збора ќе го речам само ова: ние не живејме, ами саде живуркаме во калакурница која не је држава, а им је држава саде на калакурнази кои ја праат да биди калакурница. Заошто? Па просто поради зато шо прво мора да му учинат на стратешкио партнер кој ги глави на власт, со прва задача баш да не ја напраат држава сè дури не го завршат она шо го намислиле геостратешки, а то је уништуање на државава сосе тебе народецу мој, и со прва шанца да крадат дури има за крадење, толку многу шо ни сами не можат да се замислат ко толку големи апашишта.

Круцијално прашање во моево промислуање, кое не да се фалам ама је стварно ептен близу до стручно-експертско ем аналитичко, је: шо можи секој чоек да прај и да напрај за себеси и шо да прај и да напрај заедно со други за сите во држава веќе напраена калакурница? Со други зборој: кое ни е чарето во калакурницава ко чоеци и ко народ? Да ви кажам прао, чоеци, многу си го истормозив мозоко со ова прашање. И знајте што заклучив?

Заклучив оти немаме баш никакво друго чаре освен: под итно, не утре и не денес ами баш сега сите да се крениме на нозе и вакви голораки, а со стапој во рацете да ги спотераме калакурничкиве курнази шо ги глави на власт стратешкио партнер! Па да ги собериме на купче, да ги испозатвориме во темни црни зандани, да им ја удриме мерата и да им одземиме сè шо испокрадоа од нас ко чоеци и од нас ко народ.

Ама при то никако не можам да си одговорам дали го можиме тоа али до толку нè отепаа и дотепаа шо ни је одмилено сè, ко шо се вели стручно-експертски станавме апатични. Шо знам, можи би го сториле то кога би се нашол некој голем чоек шо ќе ни застани на чело и ќе нè поведи нанапред. Ама пак ама: нема таков али ние не можиме да го здогледаме, да го препознајме и да го клајме на чело? Шо знам, можи баш оти сме долго, та предолго во калакурницава ко северџганска.

И шо да се прај? Да фаќаме џенем, во беспајте да тргаме, во бестрага да отидиме?

Ја едно доумив некалакурнички:

Прво да расчистиме со надежта која ко шо се знај од дамнина умира последна, оти таа ич не ни треба штом ја доведовме и ни ја доведоа до умирачка; после да не се надеаме оти уште сме ко…како се викаше птицата од огно шо се раѓа?…а да…феникс…, значи да престаниме да се мислиме оти сме ко фениксо, а ако то не можиме барем да научиме оти фениксо не се раѓа одново, не се препородуа и не полетуа од пепелта ами од огно; и најсетне да почниме вредно да живејме. И лично, ко чоеци и колективно ко народ…на своја земја.

Кога велам да почниме да живејме вредно, мислам на живот со вредности и шо вреди да се живеј работејќи и создавајќи чоечки.

Знам дека не забораате, ама ја пак да ви подвикнам:

Ја ко ќе кажам кажано је!