Momentum XXIII
Претпоставка е дека сиромашните луѓе имаат латентен говор, како замена за модерна облека, и дека секојдневно чувствуваат потреба од уметност
Глас 7
Овде, затоа што сме седнале на отворена сцена, пожелно е да доаѓаат сите. Може на крајот, ако не стигнат порано. Штом ќе го пречекориме времето, авторот ќе интервенира со случајот на Рембо и пак сѐ ќе биде во нормални граници.
Глас 2
Сега херојства не ни се потребни. Не додека ги следиме трагите на ласерот, како сенки на екранот, на кого мошне ретко му посветуваме внимание во разговоров. И покрај тоа што е оправдано нашето сомневање, досега никој не ни оспорил дека токму тој е тајното оружје на светот. Кога ќе нѐ прочитаат докрај, се разбира ако имаат трпение бидејќи ретко ги користиме минатите времиња во глаголите, тој ќе добие универзална улога. И во зависност од отпорноста на организмите ќе има различно дејство. Негде само игла, а негде копје или меч.
Глас 4
Малку говориме за совршенството. Само еднаш рековме, мислам додека го следевме спроводот со коњи. Но, нема да е доволно ако ласерот во драмава биде искористен како зрак кој пробива низ оклопите што ќе ги носиме во последниот чин. Штитови за градите и срцата.
Глас 8
Да, може да се случи војната сама да победи, а ние никогаш да не ги слушнеме нејзините тапани и труби. Дека започнува свеченото дефиле.
Пантаскија.
Од што не мислиме на последиците.
Сега ќе ве донесам пред cavalcade,
да научите дека е голема лудост
толку да рескирате;
не оти ќе си ја потврдите
храброста.
Кога ве видов качени на антената,
како си ги врзувате прстите,
а потоа се вртите во облаците
и викате антената да ја кренат високо,
се обидов да ви покажам
дека вашите сенки
веќе паднаа в земја,
а децата се одамна заспани.
Затоа сега ќе ве донесам
пред cavalcade,
да молчите со почит
кон тагата и шепотот;
да слушате со отворена уста
кога народот ќе запее песни
за плод и жед.
Ги легнале вашите сенки
во кутии од стакло,
да им го дочуваат утрото
за младост;
околу нив треви и месо,
и дожд на мермерни плочи,
и жена со косата в раце.
А вие,
додека се слуша плач,
сѐ почесто боледувате
од surditas nervosa.