Потребно време за читање: 2 минути

Momentum XXVIII

Сите седнати на подот во еден ред.
На сцената минуваат животни,

а тие се прават како да не ги забележуваат
.

Глас 9

Гледате, веќе ни почнаа умирањата. Најпрво детето, дека случајно ни влегло во сонот, а потоа и таа. Сега сенката. Да се изброиме. Можеме да претпоставиме дека на крајот ќе остане само монолог.

Глас 6

Тоа ги усложнува работите. Жалбата е нормална и трае извесно време. Еднаш мислам рековме дека ние заминуваме, а делото останува. Тоа е прифатливо како алтернатива. Важно е драмава да заврши, макар само со еден од нас.

Глас 8

Уште ли Шопен? Мислам на хорови од познати опери.

Сите во еден глас

Прифаќаме.

Глас 3

Како стилските вежби на Кено. Прво умре глушец. Го фрлија во дворот. Мачката се пикна во визбата да фати друг. Другиот ден ја најдоа мртва. Ја фрлија во дворот. Песот беше немирен, врзан со жица и дебел синџир на вратот. Кога ќе го пуштеа, бркаше мачки. Мораа да го устрелат со сачми. И така натаму. Потоа вежбите.

Глас 2

Веќе прочитавме дека стаорците се најголемата закана за човештвото.

Глас 6

А може да е ова трагедија.

Глас 4

А двобојот? А војната?

Глас 9

Јас сигурно останувам до крајот, што и да е. Јас сум артист, па монологот не може без мене.

Со намера да измислиме нови последици
за нашите освојувачки страсти

кон мирот и пејзажот.

Природата размислува
дали да признае дека
има смисла твојата замисла
да ги засемиш нивите,
да ги превртиш планините.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, поетска инсталација

Притисната од болести
што ѝ го менуваат телото,
ѝ го отвораат здивот,
размислува дали да ја прифати
довербата оти ја кажуваш,
да се согласи заедно
да го паметиме морето
со риби и пена.

Познавам движење без свест,
како да му го одзеле срцето,
па го бара во нови простори
со зборови и време.

Билките и инсектите
си го смируваат летањето;
наслушнуваат дека историјата
ќе ги нарасне во тебе
за топлина и плод.

Материјата се нуди како месо,
генијот да ја заграби,
потоа да ја обликува
во зраци и корени,
одново да мисли на раѓање,
на крв.

Мојата глава препукнува
од земјотреси и предвидувања;
дека ќе биде прифатено
конечно твоето откритие
за првата вредност на времето.

На една и ниедна друга
свечена вечера
со мудрости и радост
тајно си ги проучуваме
сопствените достоинства.

Ќе го поздравиме огнот
за да е неопходно нашето
присуство овде.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here