Momentum XXXVIII
Последни шепоти како крици
Глас 9
Народе мој, остани со мене до крај. Немој сега страв од крвта. Ни од глад. Викај силно оти е доцна за сѐ одново. Утрото најавува пораз, опсада. Внимателно следиш секое наше движење, секој лелек во воздухот по засек. А маската…
Глас 7
Почуј и чуј народе! Може нема да победам, но морам да ти кажам уште за неа. Дојди и утре и секој ден, и ноќе. Само не без јадења. И не без прослави.
Глас 8
Народе мој, остани со мене до крај. Собери малку искреност за да видиш пустина, да чувствуваш песок во очите, и жед и сува кожа. Ние ти ја донесове, народе! Утрото најавува победа, не пораз. Нова фикција и ново совршенство на сонот.
Глас 4
Ова е драма, не фарса луѓе земни. Со мене! Градот е уништен зашто беше направен од морска пена. Утре ќе градиме нов. Децата дишат правилно. Маската останува со нас.
Глас 6
Со мене, народе мој! Утре пак тука, со нови песни и нови изуми.
Глас 10
А сега нека заврши војната. Како што предвидовме.
Веќе нема потреба да те заробувам.
Гледаш:
Опсадата може да трае
од првиот
до новиот коњ наутро,
бел како на свадба.
Дека го нема градот,
ами само мрамор,
морска пена
и по малку дожд со зраци.
Поразот најавува
мрачни претчувства.
Маската ја заборавивме
во одаја од плач
и од смеа.