5. Власта
Власта е слатка, блага, горчлива, кисела, солена, шеќерна, лута, топла, студена, чиста, валкана, зломислена, злосторна…
Таа секогаш треба да биде одговорна. Тоа значи да владее одговорно? Не, туку да раководи одговорно со сè што е во нејзини раце, што ѝ се предава и што ѝ се дава во однапред прецизно назначен и дефиниран временски период. Всушност, не станува збор за власт и владеење, туку…
Најпрвин, за секој на власт најголем товар во свеста, во мислата и дејствувањето треба да е како да остане она што бил претходно. Во меѓувреме да не се извалка, да не се расипе, да не се престори во она што се граничи со нечовечност: властољубец, страховладејач, може дури тиран.
Од суштествено значење е власта, поточно раководењето со луѓе и ресурси да се прифаќа како временски детерминирана, мандатна, еднократна. Во сите нејзини форми, на сите нивоа. Ако не е, мора да биде таква.
Сечија власт-сечие одговорно раководење со луѓе и ресурси мора да биде постојана потврда на индивидуалниот придонес во сестраниот напредок на заедницата и општеството.