Потребно време за читање: 2 минути

42. Свест за сопствените вредности

Ги препознаваат ли и се гордеат ли малите народи со своите големи луѓе? Дали е тоа во „природата“ на големите народи? Дали е привилегија тие да се еднакви, да се изедначени со своите, но и со туѓите големи луѓе (што не значи само почит кон нивното дело, туку и приопштување-присвојување)? Нели малите се поголеми од големите со своите големи луѓе?

Да бидеме начисто: мислам на големината, а не на големштилакот.

Личен став:

Сè додека се нема доволно свест за сопствените вредности, при што помеѓу нив и големината на нивните творци постои равенство, малите народи никогаш нема да станат големи.

Бидејќи, за жал, политиката ни стана почетна и крајна точка на нашето живуркање, а политичарите првите „борци“ за нашето обезличување и маргинализирање, пред нашите големи луѓе, на кои одвреме-навреме со прст ни покажуваат други (големи народи), од ден на ден стануваме сè помали.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОБЛЕМАТИЗИРАЊЕ И ПРОМИСЛУВАЊЕ, 14

Безбројни се случаите не само да не реагираме, туку и да игнорираме наш голем човек во светот. За кого можеби сме чуле, некои од нас „нешто“ знаат за него, но се исправа пред нас во сета своја големина откога „големи народи“ ќе ни „помогнат“ да ги препознаеме, а „владејачките“ политичари кај нас ќе ги натера да се сокријат во своите глувчешки дупки.

Би било вистинско изненадување кога прва и последна заложба, поточно задача на политичарите и од позицијата и од опозицијата би било воспоставен, надградуван и бранет систем на вредности. Го урнисаа постојниот, а во изминатиот период не се ни потрудија, ниту се трудат да постават нов. Знаете зошто? Затоа што биле и се слепци за вредностите на други, а ослепија многумина и се трудат да нè ослепат сите нас со своите безвредности, кичерај-шундерај, маргиналности, безначајности, ништожности, малограѓанштина.

Можеби некому му прозвуче дури непристојно она „слепци“ од мене. Непристојно?

А што се ако не тоа кога не читаат (гарантирам) ни половина книга годишно, особено не од уметничката литература (немаат време поради политичките „активности“), кога како обични граѓани не им ни текнува да наминат во некој салон; да погледаат некоја изложба, кога на свечени отворања на фестивали „немат шанца“ да се најдат во задните редови, туку се секогаш „специјални“, а всушност само „протоколарни“ (дури смешни кога ги гледа човек како поим немаат на што аплаудираат). Слепци биле и се (исклучоците, уште еднаш, само го потврдуваат правилото) бидејќи не очекувам во своите нови „главни заложби“ да не го ни спомнат системот на вредности.