Исто е со личниот-индивидуалниот како со заедничкиот-колективниот успех: тој е или постигната, достасана цел или конечно завршена работа односно завршено дело. Голем е како споредлив со други, мал во однос на претходни односно на последен. Успехот е успех без оглед колку мал или голем, најмал или најголем. Можеби пред сè друго кога станува збор за него: секој успех совреме се надминува или по време се заменува со нов.
Ме предизвикува на слободно промислување особено успехот кој е всушност неуспех. Се смета за таков како утешување-самоутешување. И е тоа кога веќе се нема сила за негово продолжување-надградба или постигнување нов. Не го земам предвид залажувањето со неуспехот како успех од незнаење односно неумеење или, пак, затоа што е краен и убедлив.
Мој личен успех или неуспех е моето, поточно семејното РАДИО ГРОМ? Кое напросто мораше да угасне по цели десет години борба за „гол“ опстанок, со големо жртвување и саможртва, со последици по животот, па и здравјето, моето и на моите најблиски?
Да, само на еден „план“:
Всушност,таа борба, во тогашното политичко-политикантско и квазибизнисменско „опкружување“ (од 1996. година до гаснењето), во најголема мера, би рекол дури единствено беше жестока одбрана на професионализмот-професионалното радио-новинарство, на неговата независност и самостојност.
Имено, РАДИО ГРОМ беше втемелено на мојата научна студија „Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност“ (објавена на Интернет), до ден-денес единствена кај нас и во светот. Во која ја антиципирав и иднината на радиото: или негово (само)уништување (што како процес веќе се случува кај нас) или ONE MAN RADIO-ЕДЕН ЧОВЕК РАДИО. („Прогуглајте“ на Интернет и веќе ќе „најдете“ многу такви во развиениот медиумски свет.)
Тој личен успех го изедначувам (се разбира, не е споредлив) со успехот на моето мислечко и книжевно творештво.
Имено, кога денес, во мојава осма животна деценија (непризнаен мислител и книжевник-без никакво признание и општествен статус, пензиониран новинар со пензија колку за непристојно пензионерско жиквуркање) ќе ме праша некој што со тоа мое грандиозно творештво (во моментов 123 дела-збирки проблесоци во мислата-сентенции, афоризми и други јадровизми, поезија, раскази, романи, сатирични дела), одговарам рамнодушно:
Како што?! Ништо! Сите тие мои дела остануваат објавени на Интернет, значи пристапни за читање во секое време, сè додека творам и додека сум жив. Потоа сосе мене во неврат.
Можно е со нив да се случи „уште нешто“. На пример, да се објават како собрани дела во 20-тина тома (секој со по 1.000-2.000 страници), и тоа наеднаш-не „етапно“, но под поволни материјално-финансиски услови (моја проценка).
Велам дека е тоа можно, а знам дека е напросто невозможно, па не ни помислувам да се ангажирам тоа да се оствари.
Значи, да повторам:
Со моето грандиозно творештво ништо и баш ме заболе зашто е-ќе биде така.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 75