27. Една ненадејна смрт
Ја собрала во срцето,
во секој воздив,
ја искажала на лице
со најдлабок молк
што таа можела и може
да го обзнани.
Во подножје
пред стрмна планина,
на почеток на врвица
што води
кон највисок врв
на возвишеноста.
А ѝ била прва рожба
за нов живот.
Жена во црнина,
во мисла дека
секоја ненадејна смрт
е пресушен извор,
е собрано време во миг,
е продолжено корнење
на корен
во глас, во збор,
во гаснење на дел
од негова срцевина.
Докажано
по ненадејна смрт:
човекот нејзин
од неа се оддалечува
и ѝ се препушта
на пајакова мрежа,
исправен среде круг;
таа во црнина
што ѝ покрила снага
веќе ничија.