МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

21. Возврат

-За сѐ што правам, работам и помагам не очекувам никаков возврат. Од никого!

Ми го повторува ова по којзнае кој пат Петар Саздовски, мој пријател и познајник на многумина во градов. И сега, како секогаш, без никаков повод. Добро го познавам и знам дека е таков, па само го поттикнувам:

-Кога последен пат си направил, сработил или помогнал некому?

Се чуди:

-Нема последен пат! Секој ден, ако треба и ноќе. Вчера, синоќа, денеска…

Го провоцирам:

-А што последно ти понудиле за возврат?

Петар Саздовски ме гледа подоко, сомнително. Не одговара, па јас го поткрепувам прашањето со констатација:

-Луѓето ти се секако многу благодарни. Те паметат како голем спомагател.

Лицето како наеднаш да му се озари:

-Како може да се заборави поткрепа во вистинско време? Многупати ми се случува јас да сум заборавил, па да му се најдам некому по вторпат, третпат…

Потврдувам:

-Тоа е нормално. Особено кога е збор за случаи кои бараат на пример долгорочно лечење или на кои им се повторува една иста мака.

Јас пак за возвратот:

-И велиш дека не очекуваш никаков возврат? И не ти возвраќаат?

Ми одговара со возбуда во гласот:

-Како би можеле да ми возвратат на толку правење, работење и помагање од срце? Мислиш на некое признание, награда? Нема такво нешто.

Моето последно:

-Важно ти е што те знаат и познаваат многумина во градов како човек со несомнено големо срце?

Негово последно:

-Се разбира. Зошто да не ми е?

Петар Саздовски е успешен менаџер и доминантен акционер во голема, меѓународно афирмирана фармацевтска компанија.

Leave the first comment