ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

3. Гробарот

Секој ден е со мртвите. Со живи беше само кога погребуваше мртовец, додека не го погребеше и додека имаше живи.

Сокол Самоков сам го погреба последниот соселанец. Го најде упокоен вчераутро  на прагот на неговата трошна куќарка одамна без покрив, без врата и прозорци, со голи греди на сонце и на месечина.

Му ја матат мислата две грижи:

Што прават мртвите со него и без никој свој? Што можат да прават?

Што ли ќе прави тој со нив, кога ќе се упокои, кога ќе се пресели кај нив? Што може да прави?