16. Дотекува вода
Дотекува вода бистрица,
вода студеница
од извори на врвови
на моја планина,
извишени над хоризонт,
извишена до самоти небо.
Уште не беше почнала
да тече во свое корито,
а почна да дотекува
уште на мои години
штотуку заодени.
Уште не беше дотекла
меѓу луѓе со достојание,
но тие го наслушнуваа
нејзиното дотекување
до нив
ту забрзано,ту забавено.
Јас ѝ направив корито,
достатно длабоко
и достатно широко
за да не може
ништо да ја загрози,
да ја навали нејзината
слобода;
за да дотекува, да тече,
а да не се излева при
разнишана рамнотежа
на природата.
Се разбира, не заборавив
да откршам големи и мали
стени од мојата планина,
па да ги струполам
во нејзиното корито;
некои да дотуркам
кај што треба да запре
колку да здивне,
нова сила да собере,
а некои кај што треба
да се пени и да екоти
нејзиниот жубор.
Дотекува вода бистрица,
вода студеница
меѓу огништа
на луѓе во подножјето
на мојата планина;
за живот, за спокој,
за радување, за род
и неизбришливо паметење.