Потребно време за читање: < 1 минута

38. Многу негови години  

Прво направи точка
како  почетна на тишина,
иста како голтка
мрачен и длабок молк.

Потоа  почна да ја расте,
да ја извишува зрачеста,
а околу неа да прави
една по една други.

Точка и точки
на многу негови години,
како будења
во семиња, во корени,
во стебла,
во лисје и плодови.

Штотуку почна сам,
без никој близок, свој,
да ја обградува точката
сосе точките
со бели и црни стени
мраморни;
сè повисоко, сè поблизу
до сонцето дење,
до ѕвездите ноќе.

Зашто меѓудва воздива
сè позабрзано
му премалува снагата
во многуте негови години. Точката и точките во нив
како несвршен говор.