Кон нова пустошија

Потребно време за читање: < 1 минута

Можеби имало некогаш
и има уште некоја друга
пустошија по оваа
што бавно но несомнено
се престорува во огон
пламнат нескротлив
несопирлив во тишинава
би можело тоа да биде
единствена причина
за збирањето надоаѓањето
на голи и жедни луѓе
исушени немоќни снаги
од прв до последен слеп
онемен
без крв без срце
се збираат околу него
надоаѓаат до него
исчекуваат од него нешто
што можеби допрва
ќе биде друга пустошија
до која ќе ги предводи
тој пак оди од еден до друг
се загледува во секого
како да бара нешто дамна
изгубено исчезнато
од постоењето во оваа
безвремена пустошија
зашто е убеден дека има
во секого макар зрно
макар трепет на глас
претсмртен
што ќе го одржи стамено
чекорењето кон нов свет.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 47