Потребно време за читање: < 1 минута

9. Буден во незнајна доба

Од што се знае себеси одамна
кој е што е за кого е до кога е
нему веќе му е незнајна добава
во која не се препознава себеси
како човек со време од време
и до пред некое време
сосе време препознатливо
според живот за живот живеан
а е буден а е буден
и премален како да изодел пат
од нечие раѓање до сечија смрт
кога би имала незнајнава доба
макар светлинка
во недостижна далечина
па сè уште да не му треба
ни сон спокоен ни неспокоен
додека се навраќа на спомените
од детството и љубовта
откога нема никој свој
што ќе му го варди телото
од смртна болештина
на смртна неминливост и молк
до крај на свет обѕидан до небо
со непроодни планини низини
мочуришта шуми над облаци
пустелии и мрачнина
буден во незнајнава доба
он не губи пуста надеж
дека ќе ја надмине ќе ја надвие
како многу други инакви
досега што биле
и можеби допрва ќе бидат.