152. Благослов
Бог да те прости,
голем да пораснеш,
та поголем од борови
да станеш
што се вишат
во гора темница,
што се бранат
од ноќ студеница.
Да ти е живо
сѐ што ти умрело;
пред очи да ти се раѓа
за пак да не умира
и она што горело
и она што пеплосало
за тебе.
Секој твој збор
непрозборен
да ти се чуе
од далеку од одблизу,
сѐ до рана отворена,
сѐ до игра снеможена.
Па да стане секој
што паднал во бој,
та да рече некој
блазе му на овој
дека ќе се најде
кај што сонце зајде.
Кај ќе одиш
товар да не носиш,
од ум да не поболиш,
за бел ден да се молиш
и час да си имаш
и глас и спас
за сите нас.