Стотици илјади луѓе се собраа вчера на прашката Летна против планот на владата на премиерот Андреј Бабиш да го смени начинот на финансирање на јавната телевизија и радио. Организаторите проценија дека на протестот имало меѓу 350.000 и 450.000 учесници, додека Reuters пренесе проценка од околу 400.000 луѓе. Чешката полиција потврди дека станува збор за најголемиот протест во историјата на самостојна Чешка.
Главната причина за протестот е предлогот да се укине сегашниот модел на радиодифузна такса и Чешката телевизија и Чешкиот радио-сервис да преминат на финансирање од државниот буџет. Критичарите предупредуваат дека со таквиот модел јавните медиуми би станале почувствителни на политички притисок, особено ако висината на нивните приходи директно зависи од владините и парламентарните буџетски одлуки.
„Летна против 4:36“ – часот што стана политички симбол
Протестот го организираше граѓанската иницијатива „Милион моменти за демократија“ под името „Летна против 4:36“. Бројката во називот се однесува на 4:36 часот наутро на 24. октомври кога владејачката коалиција во Долниот дом на парламентот го протурка предлогот низ првото читање, откако беше ограничено времето за расправа на опозицијата.
Токму начинот на кој законот ја помина првата парламентарна пречка го прошири незадоволството надвор од прашањето за медиумите. Организаторите тврдат дека се отвора поширок спор околу начинот на владеење, јавната расправа и односот кон институциите. Associated Press објави дека вработените во јавните медиуми веќе одржале еднодневен штрајк на 3. ноември, поддржан од синдикати, универзитети, студенти, уметници и други организации.
Кој ќе го држи финансискиот клуч на јавниот сервис
Според предлогот, треба да биде укината месечната радиодифузна такса од вкупно 205 чешки круни по домаќинство, а Чешката телевизија и Чешкото радио во иднина да добиваат средства од државниот буџет. Предвиденото финансирање би било за околу 15 проценти пониско од сегашното, што според јавните медиуми може да доведе до намалување на продукцијата, укинување програми и отпуштања.
Reuters наведува дека со предложеното намалување номиналниот буџет на телевизијата би се вратил приближно на нивото од 2008 година, а на радиото на нивото од 2005 година. Затоа спорот во Чешка повторно го отвора поширокото европско прашање за тоа колку една редакција може да биде независна ако финансискиот механизам ја прави ранлива на политички одлуки. Тоа е истата дилема што ја отвора и пошироката тема за независноста на медиумите и политичката моќ.
Владата ги отфрла ваквите предупредувања. Бабиш изјави дека го почитува правото на граѓаните да протестираат, но дека не се согласува со причините за протестот и дека радиодифузните такси ќе бидат укинати. Според него, никој нема намера да ги контролира јавните медиуми или да им определува што ќе објавуваат, а новиот систем треба да замени модел што владата го смета за застарен. Неговиот став по протестот го пренесе и чешкиот јавен сервис iROZHLAS.
Летна повторно како место на политичка порака
Изборот на Летна има силна историска тежина. Огромниот простор во Прага беше едно од местата на масовните собири за време на Кадифената револуција во 1989 година, а новиот протест се одржа само два дена пред 17 ноември – годишнината од настаните што го означија почетокот на падот на комунистичкиот режим во тогашна Чехословачка.
Според iROZHLAS, Летна била целосно исполнета уште во првиот дел од собирот, а толпата се проширила и кон околниот парк. Полицијата поради приливот на луѓе привремено ограничувала сообраќај на дел од околните улици, но не регистрирала поголеми безбедносни проблеми.
На протестот се појави и регионална порака. Српската студентка Наталија Петровиќ, претставничка на студентското движење, пред насобраните порача дека политичката промена е можна, повикувајќи се на успехот на студентското движење во Србија. На Panoptikum веќе пишувавме за патот од протестите до изборната победа и новата политичка улога на студентската листа во Србија.
Законот останува, а притисокот се зголемува
И покрај масовноста на протестот, владата засега не покажува дека ќе се откаже од реформата. Предлогот го помина првото парламентарно читање и допрва треба да продолжи низ законодавната постапка. „Милион моменти за демократија“ бара негово повлекување и поширок јавен дијалог пред да се менува системот на кој се потпираат двата главни јавни медиумски сервиси.
Затоа прашката Летна на 15. ноември не даде конечен одговор за иднината на Чешката телевизија и Чешкото радио. Таа, сепак, покажа дека прашањето за нивното финансирање веќе не се доживува како техничка буџетска промена. За стотици илјади Чеси тоа стана прашање кој ќе ги поставува финансиските услови под кои јавниот сервис треба да ја задржи својата уредувачка независност.










