Културно информативен центар – Скопје
Изложбен салон Империјал 2
Отворање: 9 септември 2026 година во 20:00 часот
Влезот е слободен.
Изложбата „КОДОТ“ е инспирирана од архивски материјали, оригинални примероци и музејски збирки, со посебен фокус на двотомното дело „Македонски народни носии“ на проф. д-р Ѓорѓи Здравев.
Изложбата ги пренесува мотивите, везовите, формите и текстурите на македонските народни носии во современ визуелен јазик, поврзувајќи ја традицијата со современата уметност.
Елена Галика претставува омаж на значајни дела од историјата на уметноста, интерпретирани низ македонски визуелен контекст, во техника масло на платно.
Христина Тарабунова претставува макроприкази на везови и ткаенини од македонски народни носии, изработени со акрил на платно.
Во рамките на изложбата се претставени и оригинални македонски народни носии. Поставката е отворена во Културно информативниот центар – Скопје.
Елена Галика е родена на 31 јули 1980 година во Скопје. Своето уметничко образование го започнува во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Дипломските и постдипломските студии ги завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот Сликарство.
Нејзиниот досегашен опус опфаќа самостојни и групни изложби во земјата и странство. Особено се издвојуваат нејзините претставувања во Париз: Salon des Indépendants – Art Capital во 2019 година, Salon d’Automne во 2019 година и Салонот на француските уметници во Grand Palais Éphémère во 2024 година.
Во 2026 година ја добива наградата Curator’s Pick на Golden Duck Gallery & Art Space за делото „Other Opinion“, масло на платно.
Со поставката „КОДОТ ’26“, Елена Галика ја претставува својата осма самостојна изложба.
Христина Тарабунова е родена во 1987 година во Скопје. Средното образование го завршува во гимназијата „Ѓорѓи Димитров“, а високото образование на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, каде што се стекнува со титулата магистер по науки – туризмолог.
Активно твори како самоука уметница во областа на сликарството, муралите и скулптурата. Нејзиниот израз се движи меѓу апстракцијата и кубизмот, најчесто во техника акрил на платно. Има реализирано неколку самостојни и повеќе групни изложби.
Изложбата ќе биде отворена до 23 септември 2026 година.











