ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 14

Потребно време за читање: < 1 минута

14. Понори

Пред човек понор
зад човек понор во човек понор
а како стасал на овој врв а како
а како ќе слезе од него а како
понори ненадејни случајни
или намерни во пустошијава
сите понори со недогледни дна
со стрмни страни на сите страни
најстрмни на понорот во него
стасал како стасал
ќе слезе како ќе слезе човеков
а неважно а ништо полесно
од искачување и слегување на врв
ако дочека птица некоја
на ведро небо може облачно
па да полета како човек по неа
со неа
па да слетаат заедно негде далеку
без понор пред него зад него
во него
исто како таа слободна
само кога би можело некако
барем на понорите во него
да им ги догледа дната
та веќе да не се жалости
та веќе душа да не си јадосува
зошто не успеа барем на мислата
своја
да ѝ ја одбрани слободата до смрт
се успокои се насмеа во себе
оти конечно реши да се престори
во капка понорна
та да влезе вземи и да се изгуби.