Сама песна

Се слуша сама песна во пустошија
како тишина на премалени коски
на луѓе на кои штотуку почнале
да им гаснат срца души мисли
собудена дека залудна им била
потрага по свое стварно постоење
во семиња плодови корени лични
зраци месечеви молскотни дење
зраци сончеви бессони ноќе
сама песна
ту од немост ту од молк препеана
ту со крици ту со одеци допеана
ќе се случи во некое ново време
по некое непрепознаено невреме
на луѓе кои одамна немаат трага
во денес што било нивна дамнина
нивна природа во нивна природа
нивна преживеалица живожарица
сама песна
ту од немост ту од молк препеана
ту со крици ту со одеци допеана
ја препеала и одново ја испеала
птица скрита во лет на небо
кон исток па кон север негде
па кон југ па кон запад нигде
за жизненост за љубов за ведрост  
на луѓе на кои веќе не им се знае
ни од каде се ни до каде ќе бидат
со свои потомци вековити
со крв неделива непредвидлива   
сама песна
ту од немост ту од молк препеана
ту со крици ту со одеци допеана.    

Прочитај и за ... >>  Државнички промислувања и предлози

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 22

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.