23. Дваесет и трета епизода
Амбиент:
Прв: визбена сала за состаноци на Советот на кулата
Втор: во лифт.
Лица со гласови:
Црвенко Државнички, Европа, Македон
(Три гонга)
Црвенко Државнички:
В ред, да продолжиме. Госпоѓо Европо, дали би можеле да ни пренесете нешто од евро-атлантското искуство и знаење за свеста, совеста и честа? Од некои мои лични контакти со Дами и Господа во Кулава разбрав дека тоа сè повеќе се наметнува како тема за дилема, па би било добро да ни се расчисти. Не за друго, туку за да не дојде до некои недоразбирања, па и тоа да ни се наметне како критериум односно услов за влегување пред сè во ЕУ однапред и одзади.
Европа:
Ќе го направам тоа, Претседавачу на Советов, со особено задоволство. Токму затоа што тоа Вие го побаравте од мене. И тоа на малку поетичен начин, за ваше лирско расположение. А примерот ќе ми биде еден европски бизнисмен.
(Еден гонг)
Европа (продолжува):
Нашата евро-атлантска свест ја изградивме до тој степен, што ни стана вистинска совест. Кога би се ставила во улога на поет, би рекла со гордост: секоја чест!
Во таа насока би можела да речам дека свеста и совеста ни се развиваат со несмалено и незголемено темпо; а би можела да речам дека и честа ни е тука некаде, на тоа ниво. Па основата ни станува и свесна и совесна, а богами и прилично чесна.
Пред некој ден еден бизнисмен ги стави на дело сите три под едно: свеста, совеста и честа. И знаете што се случи? Го испофалија на живо европските Дами и Господа, пред кои ги стави сосе своето име и презиме, и тоа не со иницијали. Да му беа мртви, недајбоже, веројатно ќе му направеа споменик или биста-за да им биде традицијата чиста.
Им рече тој-бнизнисменот на Дамите и Господата мои:
„Дами и господа, јас сум свесен и совесен, а богами и прилично чесен. Го одбивам тоа што вие не го одбивате и не се срамите да го примате“.
„Биди отворен, бизнисмену неполитичен, свесен, совесен и чесен“, му сугерираа Дамите и Господата, од еден до сите.
„И ќе бидам. Само трпеж-крпеж“, им одговори тој и почна да декламира на сет глас:
„Пред некој ден ми падна нечиста сенка на очи, па меѓу другото и затоа мислам дека не треба да се молчи. Тој што ми удри таква дамка, мислам дека треба да го ставите во рамка.
Како тоа, Дами и Господа свои, некој со такви бои да ве бои? Како тоа ние, од сè уште неинтегрираните, не работиме како што треба и колку што можеме, кога никој не нè прашал ни како треба ни колку можеме? И од каде таа дилема да работиме или да бизнисменуваме, ве молам?
Треба да си имаме сенка, не може никој без својата сенка. Тоа веќе ви го признав, ама друга не ни треба; нема зошто да ни се наметнува, макар била и тенка.
Нас убаво свеста и совеста, па и честа нè чува и сè е јасно. Нема зошто да се дискутираме гласно.
Им реков јас на Дамите и Господата, се стори, а тие видоа-не видоа дека и свеста и совеста и честа ги ставив на исто место, па ме подржаа во моите напори. Констатираа дека сепак нешто под нозе ни гори, а јас, како бизнисмен свесен, совесен и чесен, треба да најдам пат лесен за да го изгаснам тоа што ни гори, па никој никого за оставка да не моли.
Им напишав наредба, па апел на моите работници, а тие се ставија во улога на живот за пари што значат, па почнаа за плати и стандард да плачат. Апелот им удри во епицентарот, се виде дека доаѓа од мене, односно од центарот, а еден од нив, нека си остане здрав и жив, зошто да го прогласам за крив кога не е прав за да има личен став, удри коментар како да паднал од село:
„Зошто политичарите, како одговорни и мошне говорни, пример не ни дадат, како пример да не ни се покажат? Макар симболично, ако тоа не е обично? Не само преку тебе да ни апелираат, наредуваат, да поставуваат камен-темелници, симболично ленти да сечат; а ние да се ставаме во улога на живот за пари што значат, мнозинството од нас за пари, плати и стандард да плачат? Ако ни дадете пример, ако како пример ни се покажете, ниту наредби, ниту апели, ниту други стрели нема да ни бидат потребни. Ниту вие како посебни!
Не знам, можеби грешам, ама ќе решам дека тој еден од нив, нека си остане здрав и жив, зошто да го прогласам за крив кога не е прав за да има личен став, можеби имаше право. Го поздравив со „Здраво“, а потоа го одбив тоа што вие, европски Дами и Господа не го одбивате, и воопшто не се срамите да го примате“.
(Аплауз)
Црвенко Државнички:
Мислам дека е време да завршиме. Бидејќи го исцрпивме дневниот ред…
Македон:
А случајот во лифтот под разно?
Црвенко Државнички:
Да, за малку ќе го заборавев. Веројатно зашто е под точката разно. Знаете и самите дека под неа секогаш оставаме празно. А мора за него да бидат сите информирани, посебно ЕУ и НАТО. Можам да Ве замолам, Господине Македон, да го раскажете?
Македон:
Важи, Претседавачу, нема проблем. На мојата Европа веќе сум ѝ го раскажал, ама не е лошо пак да го чуе во присуство на сите советници во Кулава.
(Два гонга)
Македон (продолжува):
Се случи на крајот од работното време, во работната висококатница во која има лифт и на големо се користи. Вработените веројатно не стојат цврсто на нозе, па мораат често да се качуваат и слегуваат со лифт. Ако го нема, тогаш сигурно многумина не само што би доцнеле на своите работни места, туку и воопшто не би доаѓале на работа. Би имало многу боледувања. Помеѓу другото.
Во еден крај од работното време во лифтот влегоа машки и женски работни луѓе, колку што може да собере, и тргнаа удолу. Наеднаш лифтот запре, се заглави или снема струја. Непријатна работа, речиси безизлезна. Сите чекаа лифтот самиот да тргне, да се одглави или пак да дојде струјата.
Женските и машките работни луѓе почнаа дискусија. Всушност, почнаа да си ја користат шансата за да си кажат што им е на срце, додека не тргне:
„Леле, што ќе рече жена ми. Ќе задоцнам, а нема да ми верува дека сум задоцнил поради лифтот“, се пожали еден машки работник.
„Не грижи се, имаш сведоци“, го утеши друг.
„А мојот проблем?“, почна тој, другиот, да си ја кажува маката. „Не ќе можам да проверам дали жена ми задоцнила од работа. Кај нив нема лифт, а се сомневам во неа. Речиси ќе откриев во што е работата. Само да видев и денеска дали задоцнила“.
„Ту, ту, ама проблем си имал“, се зачуди еден женски работник. „Не ти е срам да се сомневаш во сопствената жена?“
„А ако некој постојано ја вози? Сум видел, пред мои очи ја возеше еден нејзин колега“.
„Па што оти ја возел? Да не ѝ направил нешто? Да не ѝ наштетил? Ех, ти да го имаш мојот проблем“, го презеде муабетот женскиот работник. „Ќе задоцнам кај пријателот, а на мажот ми му реков дека ќе задоцнам. Ќе извисам. Ќе ме извиси“.
„Премногу сте лични, Дами и Господа, премногу сте лични. Имаме ние и заеднички проблеми. Ајде за нив да зборуваме. Како да ни успее приватизацијава, на пример. Навреме да се престроиме, за да не нè стават во стечај, па да нè ликвидираат“, се јави еден што личеше на бизнисмен.
„За тоа вие мислете, не сте малку. Повеќе сте политичари и бизнисмени по глава на жител одошто работници и социјалци. Крстете се во меѓународниот фактор зашто иде времето кога ние ќе ве крстиме“, му одговори машки работник.
И тамам да почне политичко-бизнисменската дискусија за приватизација на претпријатието, лифтот проработе, тргна удолу, почна да се спушта. Ги спушти луѓето без никакви проблеми.
Толку од мене. Фала ви.
(Аплауз и долго измешано ѕвонење на камбани, воловски ѕвона и удари на гонг. Полека завесата паѓа, а публиката задоволна излегува од салата.)