КУЌА ШТО МОЛЧИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

34. Пречек на средишна песна

Има секогаш една таква
помеѓу една горе
и друга долу,
во средината средишна;
значи единствена,
значи прва и последна.

Нејзиното доаѓање
поетот обично
го доживува достоен
на нозе
со крената глава;
оти ја ископувал,
ја прекопувал
со години, со векови
во камена, од камена;
под камена земја.

Во меѓувреме ти, љубов,
почна да играш некаква
неразбирлива игра;
како да си сокриена
в пазуви на натрупан,
на изгубен снег во мене.

Во играта занесена
не забележа
како минаа оние карпи
со спомени, на кои заедно
си ги сончавме очите,
како и празната ноќ
помеѓу нас
во која ти молчеше,
а јас немував.

Во песната во средината,
средишната,
значи во единствената,
значи во првата
и последната,
со силен и долг ветер
правеше сенки од нас;
јас те облекував со небо
во раскошни облеки.

Во меѓувреме сѐ околу нас
ко да беше преболено,
та заздравено,
што да ми се прикажуваше
дека имаш усни
речиси жар, речиси оган,
речиси крв.

Најпосле легнавме во кора
од многулетен даб,
со корен раширен
од почетокот до крајот
на нашата љубов;
да не однесе
во водена постела
од извор до истек.

(Автор на сликата: Алисон Ирис)

Leave the first comment